Со гласањето во Ајова почнува серијата внатрепартиски избори и пленуми, која летово ќе кулминира со конвенциите на демократите и на републиканците, кои, пак, треба да ги дадат конечните два кандидата за претседателските избори во ноември. Сепак, изборната трка делумно е засенета од процесот за импичмент на Трамп, кој, пак, може да заврши уште неделава, со гласањето во Сенатот, пренесуваат светските медиуми
Американските гласачи денеска ќе имаат можност да гласаат на внатрепартиските избори во Ајова, со што почнува големата трка за Белата куќа и обидот на Демократската партија да го смени нејзиниот актуелен потстанар – републиканскиот претседател Доналд Трамп. Со гласањето во Ајова почнува серијата внатрепартиски избори и пленуми, која летово ќе кулминира со конвенциите на демократите и на републиканците, кои, пак, треба да ги дадат конечните два кандидата за претседателските избори во ноември. Сепак, изборната трка делумно е засенета од процесот за импичмент на Трамп, кој, пак, може да заврши уште неделава, со гласањето во Сенатот, пренесуваат светските медиуми.
Покрај реизборот на Трамп, како што оценува „Гардијан“, на изборите во ноември ќе се одлучува и за контролата на американскиот Конгрес, а ќе се гласа и за составот на конгресите во сојузните држави, како и за нови гувернери. Сепак, главното прашање е дали актуелниот шеф на Белата куќа ќе успее да обезбеди нов мандат. Затоа, сите очи се вперени кон демократите и кандидатот што тие ќе го изберат да му се спротивстави на Трамп на „денот Д“, односно на 3 ноември. Во 2016 година, Трамп предизвика голем политички земјотрес против Хилари Клинтон, победувајќи во неодлучните држави, како што се Флорида и Северна Каролина, но и во традиционалните демократски упоришта – Пенсилванија, Висконсин и Мичиген. Но овој пат кандидатите се различни, главните политички теми се различни, а изменет е и електоратот. Се поставува прашањето дали Трамп ќе може да го повтори успехот од 2016 година и повторно да им зададе сериозна политичка „шлаканица“ на разединетите демократи.
Кога станува збор за гласачкото тело, над 224 милиони лица ја исполнуваат старосната граница за гласачко право во САД. Сепак, според последните податоци, електоратот во 2020 година е најразличен и помлад од кога и да било претходно. Интересен е податокот што покажува дека во 2016 година, околу 30 отсто од Американците со право на глас одлучиле да не го искористат ова право или, пак, биле спречени да гласаат, но ако се земе предвид порастот на бројот на гласачи на изборите за Конгресот во 2018 година, годинава може да се очекува значително поголемо гласачко тело. Сепак, експертите предупредуваат дека притисоците врз гласачите и изборните манипулации им нанесоа штета на демократите во 2018 година и може годинава повторно да има контраефекти на поентузијастичкото гласачко тело.
Кога станува збор за влијанието на импичментот на Трамп, анкетите покажуваат дека политичката поделба на земјата е речиси иста како и пред почетокот процесот за отповикувањата. Во САД постои остра поделба по партиски линии. Сепак, политичката стратегија на Белата куќа досега е јасна – да го претстави импичментот како уште еден обид на естаблишментот во Вашингтон да го смени од функција актуелниот претседател и сите оние околу него што го поддржуваат.