Последната информација вчера, пред затворањето на денешниот број на весникот, е дека се извлечени 4 деца од страна на елитната тајландска единица „Фоки“ и тие се пренесени во болница во Чианг Раи. Веруваме дека веќе во утрешното издание ќе излеземе со целосна сторија со хепиенд, каде што сите ќе бидат спасени и извлечени од пештерата
Спасувачките екипи почнаа со операцијата за извлекување на 12-те тајландски момчиња и нивниот тренер, кои се заробени во пештерски комплекс уште од 23 јуни. Во операцијата учествуваат 23 нуркачи и спасувачи, кои е планирано да ги извлекуваат дечињата во четири групи. Локалните власти соопштија дека не се знае точно кога ќе биде извлечена на површина првата група, а спасувањето на една група може да потрае и повеќе од 11 часа. Спасувачката акција почна по подобрувањето на временските услови и запирањето на поројните дождови, како и делумното повлекување на водата, која се закануваше целосно да ја поплави пештерата и да ги доведе во безизлезна ситуација момчињата, фудбалери на возраст од 11 до 16 години, пренесуваат светските медиуми.
– Поради комплексноста на пештерата и тежината на операцијата не може точно да се каже колку време ќе биде потребно пред да може тимот да ја донесе на површина првата група момчиња. Нуркачите и медицинските лица во пештерата ќе ја оценат здравствената состојба на секое од децата пред да одлучат кое ќе излезе прво – изјави Наронгаск Осатанакорн, гувернер на тајландската провинција Чианг Раи, каде што се наоѓа пештерскиот комплекс, долг речиси десет километри.
Претставник на спасувачките служби претходно изјави дека извлекувањето на децата и нивниот 25-годишен тренер ќе биде спроведено во четири етапи, односно тие ќе бидат групирани во четири групи. Предвидено е првата група да има четири деца, додека другите групи ќе бидат составени од по три лица. Младиот тренер ќе биде извлечен со последната група. Според „Гардијан“, предвидено е момчињата да пливаат низ тесните канали, секое придружувано од двајца нуркачи.
Операцијата почна по запирањето на поројните дождови, вообичаени за Тајланд во овој период од годината, кои се закануваа целосно да го поплават комплексот пештери и канали, како и неколкуте комори во кои се наоѓаа децата и тренерот. Рафаел Аруш, израелски нуркач волонтер, за Си-ен-ен предупредува дека брзината на спасувачката операција е од многу големо значење.
– Брзината е многу, многу важна. Може да има круцијални промени во планот за спасувачката операција и некој ќе мора да донесе одлука можеби уште денеска повеќе лица да бидат извлечени. Има многу потоци што дотекуваат во системот, а актуелното непредвидливо време би можело да ја уништи целата операција – истакнува Аруш.
Би-би-си јави дека спасувачите влегле во пештерата, а претходно бил евакуиран поголем дел од присутните лица, освен спасувачите, лекарите и обезбедувањето. Во групата од 23 нуркачи што учествуваат во извлекувањето на децата има странски нуркачи, како и припадници на тајландските морнарички „фоки“.
Осатанакорн истакна дека спасувањето би можело да потрае од два до четири дена. Според него, 12-те момчиња и нивниот тренер се физички подготвени и ментално одлучни за нивното извлекување од пештерата.
– Имаме две пречки: времето и водата. Против тоа се тркаме уште од првиот ден. Мораме да сториме сѐ што можеме, иако борбата со природата е многу тешка. Сѐ што треба е временски период за да се погодат добри услови за операцијата. Само го чекавме моментот – порача тајландскиот претставник.