Сенаторот републиканец и поранешен кандидат за претседател на САД во 2008 година, Џон Мекејн почина синоќа на 81-годипна возраст, соопшти неговиот кабинет.
Сенаторот од Аризона се бореше со агресивна форма на мозочен тумор, која му беше дијагностицирана во јули 2017 година. Кон средината на април оваа година тој беше опериран поради цревна инфекција.
Мекејн не се појави во Конгресот од почетокот на годинава.
– Испраќам свое најдлабоко сочувство и почит до семејството на сенаторот Џон Мекејн, напиша на Твитер американскиот претседател Доналд Трамп.
Министерот за одбрана Џејмс Матис истакна дека со смртта на Мекејн „ние загубивме човек, кој постојано ги изразуваше најдобрите идеали на нашата земја“.
Лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич МекКонел нагласи дека „во ера исполнета со цинизам во однос на националното единство и јавните институции“, животот на Мекејн е вистински пример за „бесконечен патриотизам и пожртвуваност“.
– Нацијата е во солзи. Со смртта на Џон Мекејн, Конгресот и Америка загубија лидер и човек со голем патриотизам и исклучителна храброст, изјави лидерот на демократското малцинство во Претставничкиот дом, Нанси Пелоси.
Пораки со сочувство испратија и поранешните претседатели на САД, Барак Обама, Џорџ Буш и Џими Картер, но и други американски поранешни и актуелни политичари, како и канадскиот премиер Џастин Трудо и австралискиот премиер Скот Морисон.