Актуелните геополитички раздвижувања се тема на голем број анализи во академската сфера, но и коментари во медиумите, при што честопати јавноста е сведок на сосема различни погледи на една иста тема, што, од друга страна, остава многу прашалници кај обичниот човек за едни исти состојби. Една од таквите теми што кренаа многу прашина, а веднаш ја крена на нозе јавноста, предизвикувајќи различни коментари, е текстот пред неколку дена во угледниот британски „Тајмс“, од страна на научниот советник во Стенфорд, Најал Фергусон
Научниот советник на Универзитетот во Стенфорд, Најал Фергусон, пред неколку дена во угледниот британски „Тајмс“ изнесе мошне интригантни позиции. Во својот текст тој започнува со ставот дека во процесот на Студената војна се формираа чудни двојки, чии односи тешко се предвидуваа. Во истиот тој контекст, денес се тоа Владимир Путин и Си Џинпинг, наведува Фергусон, кој колумната ја наслови токму со зборовите дека Доналд Трамп мора да го разбие таквото сојузништво. Притоа, како за потсетување и аналогија, тој ги споменува соработката на Сталин и Мао Ѕедунг и посетата на Мао на Москва во 1949 година, кога тој ја доби поткрепата што на Кина тогаш „очајно ѝ требаше“. За возврат, наводно, Мао морал да учествува во Корејската војна „во интерес на Сталин“. Сепак, нивните односи подоцна завршија со „развод“ и меѓусебни отворени критики, за во 1969 година да дојде и до советско-кинеска војна, наведува Фергусон.
Понатаму тој пишува дека денес ниедни светски лидери не се состануваат толку често како Путин и Џинпинг, но во меѓувреме нивните улоги се сменија: сега Кина е џин, а Русија нејзиниот „злобен мал партнер“, при што „Џинпинг му останува верен на комунизмот, а Путин се враќа на царизмот“.
Несогласувањата на САД и Кина се само заблуди во јавноста?!
Она што е уште поинтригантно во целата приказна, наведува авторот, е дека Американците и нивните сојузници се загрижени од овој „нов тандем“ многу повеќе отколку во времето на Сталин и Мао, пред сѐ поради актуелната главна закана што доаѓа од силата на кинеското стопанство. Авторот додава и дека „втората студена војна“ на нашево време има низа свои посебности, сериозно различни од првата. Тоа е, пред сѐ, тесната поврзаност на САД со Кина во различни сфери, при што сегашните несогласувања се само заблуди. Како пример тој наведува дека во САД моментално студираат 370 илјади кинески студенти. Со доза на сожалување, тој додава дека втората голема разлика во однос на минатата студена војна е тоа што „традиционалните сојузници“ на САД сега веќе не се така подготвени да истапат против Пекинг во интерес на Вашингтон, па го наведува примерот на американскиот „бојкот“ на кинескиот „Хуавеи“, на кој се приклучија само мал број земји, како Австралија, додека владите на В. Британија, Германија и другите земји „мајсторски маневрираат“ и се оддалечуваат од судирот.
Неодамнешното потпишување на „првата фаза“ од американско-кинескиот трговски договор тешко дека нешто ќе смени, коментира Фергусон. Факт е дека се води опасна борба за тековите на светскиот капитал, при што американската влада би сакала да им ги скрати инвестициите на САД во Кина, а од друга страна кинеската влада енергично ги привлекува западните банки и активи. Авторот додава дека во овој случај улогата на Русија во оваа финансиска борба е сепак „безначајна“, при што Пекинг ја користи Москва за да ги неутрализира заканите што доаѓаат од Тајван, пред сѐ на социјалните мрежи.
Кое е клучното прашање во ерата на новата, втора студена војна?
Понатаму авторот укажува дека Трамп и неговите наследници „мораат повторно да ги усвојат поуките од дипломатијата од крајот на 20 век“, потсетувајќи притоа на тајната посета на тогашниот државен секретар Хенри Кисинџер на Пекинг пред 49 години, што претставуваше нов темел на американско-кинеските односи. „Тоа беше клучниот момент на Студената војна: раскол меѓу Кина и Советскиот Сојуз, за да се обединат Вашингтон и Пекинг против Москва“.
Интересен е и предлогот на Фергусон што го нуди во својата колумна, тврдејќи дека „конечна цел на американската стратегија за 2020-тите мора да се состои од тоа“ да се раздвојат „Путин и Си, а Русија да се поттикне во западната конфигурација, како единствен начин за спас од задушување на Русија од страна на развивачката Кина“. Аналитичарот понатаму додава „Доналд и Влад – ниедни други односи не му донесоа на Трамп поголемо количество непријатности. Но ќе му донесат ли некогаш стратегиска награда? Можно е, тоа е клучното прашање на втората студена војна“, заклучува Фергусон.
Како гледа аналитичкиот сајт Геополитика на статијата во „Тајмс“?
Анализата на оваа статија на „Тајмс“ открива многу работи. Од една страна, видливи се нервозата и загриженоста на Запад поради руското стратегиско поместување на Исток, „во прегратка“ на Кина, но се избегнува да се каже дека токму тој ист Запад таму и ги турна со своите непромислени потези, пред сѐ преку отворањето на украинската криза, погрешно очекувајќи дека Русија ќе се преплаши, ќе се повлече и на крајот ќе се согласи со клучните надворешнополитички услови и глобални стратегии на Вашингтон. Притоа, и на лаиците им е јасно дека во овој коментар на Фергусон не се работи за никаква загриженост за судбината на Русија поради нејзиното претстојното „задушување“ од страна на големата и моќна Кина, туку поради фактот дека стратегиското партнерство на Москва и Пекинг денес дојде до онаа точка по која нема веќе враќање на старото, како што нема ниту можности за насилно (политичко, финансиско, санкциско, царинско и какво сѐ не, а да не го спомнуваме она военото) осигурување на идната глобална доминација на САД и нивните клучни сојузници, во прв ред Велика Британија. Тоа време е минато, иако Фергусон (не)намерно ја влече историската аналогија од типот на Сталин, која во сегашниве временски рамки и реални политички околности нема ама баш никакво значење. Споменатата „шаховска мајсторија“ на Кисинџер во играта со Пекинг, на сметка на трета страна, во конкретниот случај Москва, денес лесно ја разбираат и студентите од пониските години на политиколошки студии, а како не би ја разбрале политичкиот и аналитичкиот врв на Кина и Русија. Се работи за класичната политика од времето на антички Рим „раскарај, па владеј“, која, во случајов, е дефинитивно работа на минатото, бидејќи и Москва и Пекинг денес знаат нешто друго: важноста на геополитичката форма „триножник“ – трите глобални сили, кои, како и во физиката, ја претставуваат најцврстата и најстабилна можна конструкција. Рамнотежата на трите точки, во практиката значи недозволување на која било од трите велесили да добие доминантна надмоќ над другите, што е и најдобар темел за обезбедување на светската стабилност, колку и да изгледа хаотично таа денес. А хаотично изгледа токму затоа што за таа рамнотежа една од точките (токму Вашингтон) и упорно се опира.
Геополитика смета дека на САД им изминал рокот да бидат светски полицаец
Во случајов на САД им останува изборот – да се закопаат во сопствените ровови, заедно со своите сојузници и натаму да се живее во непријателски односи со своите главни конкуренти или да тежнеат кон компромисно решение и наоѓање модалитет за меѓусебна коегзистенција и соработка низ подрачјата што се во интерес на сите страни. Притоа на Вашингтон, како што во својот коментар исправно наведува и Фергусон, му е тешко да смета на целосна поддршка од своите „традиционални сојузници“, од кои многумина сакаат да водат и своја надворешна и економска политика, а не само да ги обезбедуваат американските интереси, како што беше досега. А барањето на Фергусон до Трамп и неговите наследници Путин и Русија да ги инкорпорираат во западната геополитичка конфигурација сега е многу тешко изводлива мисија: по распаѓањето на СССР, кога Русија беше подготвена за интеграцијата за која пишува Фергусон, Москва во тој ист Запад бесконечно се разочара, сфаќајќи дека тој не ѝ сака ништо добро. А воспоставување некоја нова доверба е многу долг процес и се темели пред сѐ на практични потези, а не на слаткоречива реторика. Да ѝ сакаше тогаш Запад нешто добро, денес светот би изгледал сосема поинаку. Токму тоа се големата и непоправлива стратегиска грешка и пропуштена шанса на Вашингтон, за што е често пишувано и зборувано. Тогаш, наместо славеничка и омаловажувачка реторика од страна на победниците во Студената војна, ќе беше многу повносно на сопнатата Русија да ѝ се подаде искрена рака на помирување како што на пример тукушто заседнатиот во главната фотелја во Кремљ, Путин, му стори на претседателот Буш веднаш по големите терористички напади на САД, на 11 август 2001 година, нудејќи му целосна руска помош во „тешките моменти низ кои минува големиот американски народ“.
Но опиеноста на победникот во Студената војна, најдобро видлива на тогашните вашингтонски балови, на кои победнички се исмејуваше американскиот долгогодишен глобален и идеолошки противник, едноставно беше преголема. Токму на тоа, во тоа време, во самиот Вашингтон, мудро укажуваше и големиот германски државник Хелмут Кол, но никој не сакаше да го слуша. Светот, навистина, никогаш немал поголема шанса да стане подобро, поубаво и посигурно место за живеење, а сето тоа во време кога Кина сѐ уште не ни мечтаела да стане глобална велесила.
Наглото распаѓање на советското царство и на Источниот блок, според мислењето на многу историчари и аналитичари, беше вистинско чудо. Затоа повеќето од нив не веруваат дека чудата се случуваат двапати, особено кога станува збор за истата рецептура. Во конкретниот случај – враќање на политиката на Студената војна и на политиката „раскарај, па владеј“. Оттаму и искрената надеж кај нив дека Трамп, сепак, нема да ги слуша советите на аналитичарите од типот на Најал Фергусон, туку дека ќе успее да ги најде оние модалитети на глобална соработка што се прифатливи за сите.
Засега, за жал, поради различни околности и многу силни интересни моќници во американскиот естаблишмент, сето ова сепак не му поаѓа од рака.