Бразилскиот претседател Жаир Болсанаро, ја откажа предвидената средба со францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, бидејќи имаше поважна работа – да ја потстриже косата, пренесува „Политико“.
Официјалната причина поради која средбата беше откажана, наводно, беше пренатрупаниот распоред на претседателот, но Болсонаро беше забележан на бербер, што беше пренесено во живо на социјалната мрежа Фејсбук.
Според портпарол на Болсонаро, тој ја почнува својата должност од 16 часот, која трае сѐ до полноќ. Во тој период, тој мора да најде време и да се потстриже.
Ваквото дипломатско непочитување кон францускиот министер се случува за време на зголемените тензии помеѓу Латинска Америка и Париз околу трговскиот договор помеѓу Европската Унија и блокот Меркосур.
Договорот помеѓу ЕУ и блокот Меркосур во кој спаѓаат Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, сѐ уште не е ратификуван од страна на ЕУ и Европскиот парламент. Франција е меѓу најскептичните земји во врска со договорот, а францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека договорот „може да го дестабилизира производството и земјоделскиот сектор“.
Според спогодбата, земјите од Латинска Америка треба да го почитуваат Парискиот договор за климатските промени. Но, организациите за животна средина, научниците и законодавците го критикуваа договорот за кој велат дека ќе го забрза уништувањето на шумите во Амазон.
Болсонаро, кој не ги криеше своите ставови за унапредување на развојот во амазонската шума, го предупреди Ле Дријан да не разговатаат за животната средина за време на нивната средба, а доколку сепак го стори тоа, ќе дознае со каков човек си има работа.