Здравствената криза иницира пропусти во менаџментот на глобално ниво
Нова анализа на магазинот „Конверзејшн“, направена од повеќе стручни лица од САД, Бразил и од Мексико, посочува дека индискиот премиер Нарендра Моди е светскиот лидер што досега најлошо ја менаџирал здравствената криза во својата земја, споредбено со преостанатите државници од светот. Зад него како политичари што лошо се справија со пандемијата се и претседателите на Бразил, Белорусија, Мексико, како и поранешниот прв човек на САД, Доналд Трамп
Справувањето со здравствената криза изминатава година се покажа како исклучително тешка задача и искуство за повеќе политички лидери на некои земји. Многу експерти, анализи и истражувања изминатиов период на оваа тема укажаа дека иако се покажа дека е тешко да се контролира ширењето на коронавирусот на глобално ниво, неуспехот во сузбивањето на пандемијата најчесто им се припишува на политичарите, а не на природата на болеста.
Токму ваков заклучок наведува и неодамнешното истражување на магазинот „Конверзејшн“, направено од повеќе експерти од САД, Бразил и од Мексико, во кое се посочува дека премиерот на Индија, Нарендра Моди, е светскиот лидер што досега најлошо ја менаџирал здравствената криза во својата земја, споредбено со преостанатите државници од светот. Зад него во истражувањето на листата за најлоши државници што потклекнаа пред пандемијата се наведуваат и претседателите на Бразил, Жаир Болсонаро, Белорусија Александар Лукашенко, поранешниот прв човек на САД, Доналд Трамп, како и претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор. Ова рангирање на магазинот е направено по повеќе показатели, како имунизацијата, масовното тестирање, но и државните политики во однос на справувањето на пандемијата.
Индија новиот епицентар на пандемијата
Во меѓувреме, „Конверзејшн“ пишува дека Индија е новиот епицентар на пандемијата со по околу 400.000 новозаразени дневно до мај. Според Самит Гангулу од универзитетот „Индијана“, овие бројки не може да го покажат хоророт што се случува во Индија. Пациенти од ковид-19 умираат во болниците бидејќи нема доволно кислород и лекови како ремдесивир, а многу заболени воопшто не може да влезат во болница бидејќи нема доволно кревети.
Многу жители го обвинуваат премиерот Нарендра Моди за ситуацијата. Претходно годинава Моди јавно зборувал дека на пандемијата ѝ се ближи крајот во земјата, но тоа не било точно. Владата на Индија не се подготвила за потенцијални нови бранови или појава на посмртоносен сој што полесно се шири. Магазинот наведува дека коронавирусот се ширел во земјата пред изборите во април, но во тоа време Моди и други политичари од неговата партија одржувале митинзи низ земјата на кои малкумина носеле маски. Според медиумот, Моди дозволил и да се одржи религиозен фестивал на кој учествувале милиони луѓе во периодот од јануари до март.
Здравствените власти мислат дека овој фестивал бил виновен за големиот бран со кој се соочува Индија. Слично како Индија и Бразил е една од државите во светот што слабо и лошо се справија со здравствената криза. Претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, не само што не реагирал соодветно на пандемијата туку и ја влошил, пишуваат експерти од бразилската фондација „Гетулио Варгас“ и Универзитетот на Мичиген. Болсонаро ја искористил својата моќ за да се меша во работата на Министерството за здравство и ставил вето на закон со кој носењето маски би било задолжително на религиозни места и со кој би се компензирале лекарите погодени од пандемијата.
Белорусија, Мексико и САД на почетоците не преземаа ништо
Паралелно на ова, Александар Лукашенко никогаш не ја призна големата закана што ја претставува ширењето на ковид-19. На почетокот од пандемијата тој не воведе мерки, додека другите земји се обидуваа да го намалат ширењето на ковид-19. Како што наведува магазинот, ваквиот развој на политиките и работите во земјата придонесе коронавирусот да направи колапс на здравствениот систем во земјата неколку месеци подоцна, додека претседателот тврдеше дека опасниот вирус може да се спречи со пиење вотка, одење во сауна и работа на поле.
Во исто време и поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, според експертите, има голема одговорност за лошото менаџирање на здравствената криза на почетоците. Имено, негирањето на пандемијата на почетокот, ширењето лажни информации за носењето маски и лекови придонеле за некои негативни ефекти, особено во заедниците на жители што не се белци.
Афроамериканците и Латиноамериканците сочинуваат само 31 отсто од населението во САД, но над 55 отсто од заразените со ковид-19 се од овие заедници. Од друга страна, домородните Американци биле хоспитализирани 3,5 пати почесто и умирале 2,4 пати повеќе од белите Американци, стои во истражувањето на „Конверзејшн“. Во однос на Мексико, магазинот наведува дека поради лошите политики на претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор околу 9,2 отсто од пациентите со ковид-19 умираат во Мексико. Овој процент е најголем во светот. Според неодамнешни процени, во Мексико починале 617.000 луѓе како последица од ковид-19. Овој број е сличен на оној во САД и во Индија, кои имаат многу повеќе жители од Мексико.