Неколку преговарачи од Демократската и Републиканската партија во американскиот Конгрес постигнаа принципиелен договор за финансирање на Владата и избегнување на нова блокада на Владата на крајот од неделата, јави Гласот на Америка.
Никој од преговарачите не ги наведе деталите од договорот, а исто така не кажаа дали претседателот на САД, Доналд Трамп ќе ја добие целата сума што ја бара за изградба на ѕидот на границата со Мексико.
Демократите понудија одредена сума пари за гранична безбедност, но значително помалку отколку што бараше Трамп за ѕидот.
Белата куќа и пратениците имаат рок до петок, кога повторно ќе бидат исцрпени средствата за финансирање на федералната Влада со цел да се избегне нова делумна блокада.
Трамп не се изјасни колку пари би прифатил како компромис за изградба на ѕидот на американско-мексиканската граница. Тој на 25 јануари се согласи да стави крај на најдолгата делумна блокада на работата на федералната Влада, која траеше 35 дена, иако не доби 5,7 милијарди долари што ги бараше за ѕидот. Наместо тоа постигнат е договор за тринеделно финансирање на федералните агенции, со цел лидерите во Конгресот да имаат време да го решат спорот што се однесува на безбедноста на границата.