Индонезиската морнарица објави видео од потонатата подморница во кое екипажот пее песна во чест на нивниот командант во заминување, Хери Октавијан, пренесува „Би-би-си“.
Епипажот ја пеел песната „Сампаи јумпа“ (Се гледаме подоцна), чии стихови „Иако не сум подготвен и знам дека ќе ми недостасуваш, ти посакувам сѐ најдобро“ ги пееле во присуство на нивниот командант, пред морнарицата да го изгуби контактот со подморницата.
Подморницата од типот „КРИ Нангала 402“ исчезна откако за време на воена вежба побарала дозвола да се нурне во подлабоки води. Властите потврдија дека остатоците од подморницата била пронајдени крај брегот на Бали. Сите 53 членови на екипажот се мртви.
Индонезискиот претседател Џоко Видодо ги опиша членовите на екипажот како „најголеми патриоти“.
– Земјата ќе ги награди загинатите со зголемување на нивниот ранг и со ѕвезден медал за нивниот придонес. Владата исто така ќе го спонзорира образованието на нивните деца – изјави Видодо.
Од морнарицата објавија дека веруваат оти подморницата потонала до длабочина од 600-700 метри, што е значително подлабоко од нивото на кое нејзиниот труп може да го издржи притисокот на водата, околу 200 метри. Поради тоа, на спасувачите ќе им биде потребна специјална опрема за да ги извлечат остатоците од подморницата и телата на екипажот.
Во потрагата на подморницата покрај Индонезија беа вклучени и екипи од САД, Австралија, Сингапур, Индија и Малезија. Причината за инцидентот сè уште не е позната. Се претпоставува дека подморницата не можела да исплови на површината поради дефект.