Фотографија на која американскиот генерал-мајорот Крис Донахју, командант на 82-та американска воздушна дивизија, се качува на товарен авион во Кабул го означи крајот на повлекувањето на САД од Авганистан, пренесуваат светските медиуми.
Последниот американски војник го напушти Авганистан без помпа, церемонија и особено без чувство на победа, пишува британски „Гардијан“. Тој беше вооружен, носејќи комплетна опрема и шлем додека се качуваше во авионот.
Донахју, сепак, испрати кратка порака во која им честиташе на неговите трупи, порачувајќи „добро извршена работа, горд сум на сите вас“, по што стана познат како „последниот пар на американски чизми на тлото на Авганистан“.
Со фотографијата споделена од Министерството за одбрана на САД беше ставен крај на таканаречената „бесконечна војна“ во која загинаа над 2.400 Американци, како и десетици илјади Авганистанци, но таа го симболизира понижувачкото и проследено со насилство повлекување на Американците од „гробиштата на империите“, како што е познат Авганистан.
– Последниот авион полета на 30 август во 15.30 часот – изјави генералот Кенет Мекензи, шеф на американската Централна команда.
Полетувањето на авионот, за талибанците и официјално го означи преземањето на контрола врз државата, што тие го прославија пукајќи во воздух во близина на аеродромот.
Мекензи изјави дека голем број на луѓе сѐ уште се заглавени во Авганистан, што значи дека ќе Вашингтон отсега ќе мора по дипломатски пат да се обиде да ги извади од земјата, откако заврши рокот за повлекување. Тој исто така посочи дека во Авганистан престојуваат околу 2.000 членови на Исламската држава.