Приемот на шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, за време на неговата посета на Русија предизвика политички негодувања од страна на европскиот блок. Повеќето експерти велат дека ладниот однос меѓу ЕУ и Русија уште повеќе ќе замрзне и ќе ги зголеми шансите европските земји да побараат санкции поради притворот на рускиот опозициски активист Алексеј Навални, пишува „Фајненшл тајмс“.
Според холандската европратеничка Кети Пири, Русија ја искористила посетата на Борел за да ја „понижи и навреди“ Унијата. Борел наиде на сериозни критики за неговото справување со, како што тој подоцна наведе, „агресивно изведената“ прес-конференција во петокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Дополнително на понижувањето, Русија протера германски, полски и шведски дипломати од земјата.
Борел се бранеше, велејќи дека односите меѓу ЕУ и Русија направија „полн круг“ од падот на берлинскиот ѕид пред повеќе од три децении, бидејќи Москва „не ги исполни нивните очекувања да стане модерна демократија“, а многу традиционални столбови на руско-европските односи попуштаат додека меѓусебната недоверба расте.
– Ова е сериозен удар врз сите оние кои се залагаа за дијалог меѓу Русија и ЕУ. Секојпат кога ние ќе понудиме рака кон нив, тие ја одбиваат – вели Јирген Хард, портпаролот за надворешни работи на Христијанско-демократската унија на канцеларката Ангела Меркел.
Сепак, Москва не покажа ни најмало каење за односот, приемот на Борел и за протерувањето на европските дипломати. Андрас Рац, истражувач на Германскиот совет за надворешни односи, смета дека целта на Русија била да испрати јасна порака до ЕУ, и во тоа успеала.
– Нивната порака гласи: не мешајте се во нашите внатрешни работи, а за нив, Навални е внатрешна работа. Москва исто така праќа сигнал дека тие се заинтересирани за добри односи со ЕУ само преку поставените услови од нивна страна – потенцира Рац.
Според Кремљ, Русија сака да ги возобнови односите, не со еднострани барања, туку на взаемно почитување и разгледување на интересите и на двете страни.
– Русија беше и останува заинтересирана за обновување на односите меѓу Москва и Брисел. Ние не бевме иницијаторите за намалување на тие односи – изјави вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.