Армискиот полковник Мамади Думбуја вети влада на национално единство и нагласи дека нема да има прогон на поранешната власт, откако информираше дека претседателот Алфа Конде (83) е упасен по воениот удар во Гвинеја. Четириесет и едногодишниот поранешен припадник на француската Легија на странци, облечен во воена униформа, со црвена беретка и со наочари за сонце, категорично порача дека политиката веќе нема да му припаѓа на еден човек, туку на народот, откако припадниците на т.н. националнен одбор за собирање и развој (ЦНРД) ја преземаа власта во африканската држава.
Думбуја е меѓу 25-те гвинејски функционери на кои Европската Унија им се закануваше со санкции поради наводно кршење на човековите права за време на мандатот на Конде. Тој има 15 годишна војничка кариера за време на која служеше во мисии во Авганистан, Брегот на Слоновата Коска, Џибути и во Централноафриканската Република, а работеше и како лично обезбедување во Израел, Кипар, Обединетото Кралство и во Гвинеја. По извесен период поминат во француската Легија на странци, тој, на покана на Конде, се врати во Гвинеја за да ги предводи новоформираните специјални сили (ГФС) во 2018 година. Сега притворениот претседател, не знаеше дека враќањето на Думбуја ќе доведе до неговиот пад од власта.
Конде во октомври минатата година стигна до третиот мандат на претседателската функција, откако уставните измени му овозможија да се кандидира повторно. Контроверзните избори поттикнаа насилни протести низ државата и нанесоа нова дамка врз политичкиот углед на претседателот, кој по првичното доаѓање на власт во 2010 година кажа дека на свој скромен начин ќе се обиде да биде гвинејскиот Мандела.
Обединетите нации и Европската Унија го осудија воениот удар, додека Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) се заканија со санкции за Гвинеја доколку не биде вратен уставниот поредок.