Белгиски пожарникари биле повикани да им ги „скратат маките“ на мали пилиња, бидејќи се гушеле во топол контејнер на аеродромот во Брисел.
Пожарникарите со гас загушиле 20.000 пилиња, кои требало да бидат пренесени во Демократската Република Конго.
Според, белгиските медиуми, проблемот настанал кога летот за Конго бил откажан, а извозниците одбиле да го вратат контејнерот со пилиња назад. Пилињата биле во топли контејнери и започнале да се гушат, па за да им се „скратат маките“ помош била побарана од пожарникарите.
Пожарникарите на аеродоромот не сакале да учествуваат во убивањето на пилињата, па бил повикан тим од надвор.
Портпаролката на фламанските институции за благосостојба на животните, Брижит Боргманс, изјави дека некои од пилињата биле убиени, па во недела по консултации со ветеринар одлучиле да им ги „скратат маките“.
Некои од фламанските народни пратеници остро ја критикуваа масовната евтаназија.
-Мораме да се прашуваме зошто живите суштества се транспортираат низ целиот свет како обични стоки- рече Енгелбох, член на националистичката фламанска партија.