Невремето во јужна Франција во вторникот вечерта поплави бројни населби во регионот Гард, додека стотици луѓе беа евакуирани од своите домови, а патниот и железничкиот сообраќај беше блокиран.
Голем број спасувачи излегоа на терен, каде се трага по исчезнато лице.
Нема информации за жртви, но локалните власти велат дека дождовите предизвикале значителна штета на домовите и инфраструктурата во градовите и селата помеѓу Ним и Монпелје.
Едно лице го погоди гром, но преживеа, а во невремето се урна и покривот на супермаркет, соопштија официјалните лица.
Беа мобилизирани околу 800 пожарникари за да го спасат загрозеното население.
Училиштата низ целиот регион се затворени.
Поплавите доаѓаат по сезона на екстремни временски услови, катастрофални шумски пожари во близина на француската ривиера и околу Средоземното Море, рекордни поплави во Германија и Белгија и суши и топлотни бранови во други делови на Европа.