Војници во свечени униформи лежат испружени на улицата. Вооружените, се соочија со напаѓачите, за потоа да се фрлат на земјата без да пукаат. Други, пак, бегаа за да ги спасат животите. Снимен и прикажан во медиумите и на социјалните мрежи, нападот на воената парада во Иран што се случи изминатиов викенд, беше поразителен удар. Локална сепаратистичка група ја презема одговорноста, но Иран тврди дека сторителите биле поддржани од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и од САД. Претставници на иранската власт се заколнаа на одмазда против трите држави, како и против Израел, пренесува „Њујорк тајмс“.
Во нападот во Ахваз, Иран, загинаа најмалку 25 лица, меѓу кои имаше деца и други цивили што ја следеа парадата, како и повеќемина припадници на елитниот Корпус на чуварите на исламската револуција, познат и како Иранска револуционерна гарда.
– Ќе видите дека нашиот одговор ќе биде разорен и уништувачки и ќе зажалите за она што го сторивте – порача Хусеин Салами, заменикот-командир на гардата.
Националниот отпор на Ахваз чии членови преземаа одговорност за нападот е малку позната група на арапското малцинство во Иран. Со нападот се поврзува и Исламската држава, откако е објавено видео во кое се прикажани тројца припадници на терористичката организација кои се подготвуваат за нападот. Според иранските медиуми, имало четворица напаѓачи, маскирани во ирански униформи. Тројца од нив се убиени, а еден е заробен.
Иранските власти не пружија докази што покажуваат оти обвинетите држави се вмешани во нападот. САД и Обединетите Арапски Емирати јавно ги отфрлија обвинувањата.
Аналитичарите потврдија оти Иранската револуционерна гарда, која функционира засебно од иранската влада, е обврзана да реагира жестоко на јавното понижување.
– Тие ќе имаат силна реакција за да ја подобрат сликата која нападот ја создаде за гардата, односно прикажувањето на нивното бегање и паѓање на земјата. Тие можат да ја поправат состојбата со жесток воен удар – вели регионалниот експерт Ахмад Мусали, кој додава дека одговорот би можел да се случи во Ирак или Сирија, без ризик за директен судир со САД или со Обединетите Арапски Емирати.
По нападите на парламентот во Техеран минатата година, Иранската револуционерна гарда посочи дека Израел, Саудиска Арабија и САД се одговорни, додека поголемиот дел од иранската влада ги обвини терористите. Но, иранските власти овојпат ги опишаа нападите како чин на странска агресија, а не тероризам. Мислењата, сепак, се поделени, со што одредени претставници на властите повикуваат на претпазливост.