Од суштинско значење е сојузниците во НАТО да ги почитуваат обврските во однос на воените расходи, изјави новиот американски државен секретар Мајк Помпео на прес-конференцијата по средбата со министерите за надворешни работи од Алијансата во Брисел.
– Германија не ги почитува обврските што ги презела во 2014 година во однос на воените расходи. Важно е сојузниците од Алијансата да ги почитуваат своите обврски, изјави државниот секретар на САД.
Изјавата е дадена во момент кога во Белата куќа во посета е германскиот канцелар Ангела Меркел и разговара со американскиот претседател Доналд Трамп.
Помпео додаде дека Трамп се уште не донел одлука за иранскиот нуклеарен договор. Тој додаде дека на тоа прашање се работи, но појасни дека ако нема суштински измени во договорот, малку веројатно е дека САД ќе останат во таа спогодба.