Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска изјави дека испраќа подготвителен тим за следниот самит на претседателот на САД, Доналд Трамп и неговиот севернокорејски колега Ким Џонг-ун, кој треба да се случи кон крајот на февруари.
– Ќе го сториме тоа некаде во Азија.Таму испраќам тим. Тргнаа сега за да создадат основа за, се надевам, клучниот дополнителен чекор на патот не само за денуклеаризација, туку и за светла иднина на севернокорејскиот народ, изјави Помпео.
Според него, Пјонгјанг е согласен самитот на двајцата лидери да се одржи на крајот на февруари. Но, Помпео не наведе на кое конкретно место ќе се случи тој.
Од официјален Виетнам мината недела соопштија дека не е известени за времето и местото на можниот самит меѓу Трамп и Ким, но се уверени во својата можност да бидат домаќини на таков настан.
Пред две недели, официјални лица рекоа дека Виетнам сака да биде домаќин на самитот, а два неименувани извори изјавија дека Ханој се подготвува да го пречека Ким во државна посета.
По минатогодишниот самит во јуни, прв самит на Трамп и Ким, севернокорејскиот лидер вети дека ќе работи на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, но и натаму не преземал, како што опишува Вашингтон, конкретни чекори во тој правец.