Досегашниот директор на британската компанија Александар Никс призна дека таа имала клучна улога во американските избори во 2016 година и победата на Доналд Трамп. Податоците на најмалку 50 милиони корисници биле искористени за да се влијае на изборите и да се обезбеди триумфот на републиканскиот кандидат

Скандалот со злоупотребата на личните податоци на милиони корисници на Фејсбук, од страна на „Кембриџ аналитика“, добива сѐ поголеми размери. Досегашниот директор на британската компанија призна дека таа имала клучна улога во американските избори во 2016 година и победата на Доналд Трамп. Податоците на најмалку 50 милиони корисници биле искористени за да се влијае на изборите и да се обезбеди триумфот на републиканскиот кандидат. Поради скандалот, управниот одбор на „Кембриџ аналитика“ го суспендира Александар Никс од директорската позиција, откако беше објавена тајна видеоснимка, на која тој до детали ја објаснува изборната операција. Во меѓувреме, и од „Фејсбук“ се бара одговорност да објасни како била искористена приватноста на милиони корисници во тенденциозни политичко-изборни цели.

Никс бил снимен од преправени новинари на британската телевизија Канал 4, кои се „интересирале“ за услугите, кои „Кембриџ аналитика“ ги нуди за организирањето на изборните кампањи. Па, така, тој тврди дека повеќе пати се сретнал со републиканскиот кандидат Трамп и оти неговата компанија одиграла клучна улога во последните месеци од кампањата.

– Ние ги правевме сите истражувања. Ние ги собравме сите податоци. Ја организиравме целата аналитика. Ние работевме сѐ што беше поврзано со целењето. Покрај тоа, ја водевме дигиталната кампања и тие ги собираа информациите за стратегијата врз основа на нашите податоци – истакнува Никс пред новинарите на британската телевизија, кои биле на тајна задача и се сретнале со него во лондонски хотел.

Управниот одбор на „Кембриџ аналитика“ соопшти дека Никс е суспендиран сѐ додека не заврши целосната и независна истрага за неговите постапки.
– Коментарите на Никс не ги претставуваат вредноста, ниту операциите на компанијата, а неговата суспензија ја изразува сериозноста со која гледаме на оваа работа – се наведува во соопштението на британската компанија, која на својот официјален сајт објаснува дека нејзиниот тим експерти и политички оперативци продуцирал одлучувачки резултати кампањи и иницијативи низ светот.

Суспензијата на Никс, како што пренесува АП, стапува веднаш. Истовремено, јавните обвинители за американските сојузни држави Масачусетс и Њујорк испратиле писмо до компанијата „Фејсбук“, во кое бараат информации за личните податоци што завршиле во рацете на „Кембриџ аналитика“. Во писмото, испратено во рамките на заедничката истрага на Масачусетс и Њујорк, се бараат документи за кршењето на условите за давање услуги на „Фејсбук“, како и копија од целата комуникација помеѓу двете компании.

Откритијата за „жнеењето“ на десетици милиони профили искористени за избор на еден претседателски кандидат, дојдоа од Кристофер Вајли, поранешен вработен во фирмата. „Кембриџ аналитика“ профилите ги користела и за победничкиот тим на кампањата за брегзит, референдумот за излез на Британија од Европската Унија.
Марк Закерберг и Шерил Сендберг, главниот директор на социјалната мрежа, беа повикани од редица медиуми и новинари да дадат изјави, откако „Њујорк тајмс“ објави дека еден од директорите на компанијата си заминува поради судир со други раководни лица за тоа како компанијата се справила со руската кампања на дезинформации. Тие исто така се повикани и од Капитол хил, на сослушување во Сенатот да одговорот на прашања како била искористена приватноста на 50 милиони корисници за изборни цели.

Недовербата кај акционерите и инвеститорите во „Фејсбук“ се зголеми откако се дозна дека во искористувањето на профилите во полза на Трамп работел руски аналитичар. Станува збор за Александар Коган, човекот што за „Кембриџ аналитика“ ја креирал алатката за користење податоци од Фејсбук. Неколку медиуми контактираа со Коган, кој е професор на „Кембриџ“, предавал и на универзитет во Санкт Петербург и правел истражување финансирано од руската влада.

– Западните медиуми ме прашуваат дали сум руски шпион. Им одговорив дека доколку сум, ќе бидам еден од најнесмасните шпиони во историјата – порача Коган.
Американски медиуми пренесуваат дека „Фејсбук“ се обидел да го спречи ширењето на скандалот пред да биде обелоденет, но дека тоа направило повеќе штета отколку корист. Мрежата испратила писма до редакциите во кои изнесувала правни докази дека користењето приватни информации за 50 милиони корисници било според правилата и немало прекршок на политиката за приватност. Но откако сториите биле обелоденети, таа ги користела податоците во нив, без претходно да ги провери, како причина да ја прекине соработката со „Кембриџ аналитика“. Според објавениот материјал, фирмата не ги избришала податоците за корисниците иако тоа било предвидено со договор.

Предупредувањата дека руски пропагандни групи ширеле лажни информации на Фејсбук, Закерберг лани ги отфрли како несуштествени за исходот на изборите. Легални тимови на оваа и други американските технолошки гиганти како „Гугл“ и „Твитер“ во септември лани беа сослушувани од сенатски и конгресни комисии за разузнавање и безбедност во врска со руската вмешаност во претседателските избори. Американскиот Сенат сега бара лично присуство на Закерберг за разјаснување на скандалот со нарушување на приватноста на 50 милиони корисници чии лични податоци биле злоупотребени во политички цели.

Во меѓувреме се огласи и „Фејсбук“, од каде што порачуваат дека се „скандализирани“ од тоа што биле измамени со употребата на податоците од нејзините корисници од страна на „Кембриџ аналитика“.

– Компанијата е решителна строго да ја примени својата политика да ги заштити приватните информации и ги презема сите расположиви мерки тоа ефикасно да се спроведи – се наведува во соопштението на најпопуларната социјална мрежа.


„Фејсбук“ загуби околу 37 милијарди долари

Компанијата „Фејсбук“ загубила околу 37 милијарди долари по скандалот со протекување на личните податоци на повеќе од 50 милиони корисници. Тоа ги исплаши инвеститорите па вредноста на акциите на „Фејсбук“ паднаа околу седум проценти, пренесува Си-ен-ен.

Извршниот директор и основач на Фејсбук Марк Закерберг претрпе загуба од четири милијарди долари. 


Жртвено јагне на „Кембриџ аналитика“ и на „Фејсбук“?

Александар Коган, психологот што ја креирал апликацијата преку која биле собрани и злоупотребени личните податоци на 50 милиони корисници, порача дека е жртвено јагне на „Фејсбук“ и на компанијата „Кембриџ аналитика“.

Коган ја завршил соработката со „Кембриџ аналитика“ во 2014 година, но истакнува дека не знаел дека податоците ќе се користат во полза на претседателската кампања на Доналд Трамп. Тој кажа дека податоците му требале за да добие модел на човечкото однесување на социјалните мрежи. Од „Фејсбук“ велат дека тој ги нарушил правилата на мрежата.

Истражувачот од универзитетот „Кембриџ“ развил квиз, наречен „Ова е вашиот дигитален живот“, во кој доброволно учествувале 270.000 корисници на Фејсбук. Сепак, освен нивните, на овој начин биле собрани и личните податоци на нивни пријатели.

– Зачуден сум од обвинувањата против мене, затоа што ми беше кажано дека апликацијата е целосно легална и во рамките на правилата. Од последните настани добив впечаток дека „Кембриџ аналитика“ и „Фејсбук“ ме имаат искористено како жртвено јагне. Најголемата грешка што ја направив е што не поставив доволно прашања – порача Коган.