Соединетите Американски Држави се незадоволни и гневни откако Русија осуди поранешен припадник на маринците на 16 години напорна работа поради обвиненија за шпионажа, пренесува Си-ен-ен.
  
Поранешниот маринец Пол Велан беше уапсен во хотелска соба во Москва пред 18 месеци со УСБ-уред, за кој безбедносните службеници велат дека содржел државни тајни.

Велан тврди дека е наместен, а судењето, кое не можел да го разбере поради отсуството на преведувач, го нарече „срамно и смешно“. Американскиот секретар Мајк Помпео побара Велан да биде ослободен. 

– САД се лути од одлуката на рускиот суд што денес го осуди американскиот државјанин Пол Велан по пат на тајно судење, со тајни докази и без соодветни можности и шанса за одбрана – рече тој.

Велан беше прогласен за виновен за поседување класифицирани информации во градскиот суд во Москва. Неговите адвокати рекоа дека тој ќе поднесе жалба.

Во меѓувреме се појавија и сугестии дека Велан може да биде искористен во размена на руски затвореници кои се во притвор во САД, но портпарол на Кремљ изјави дека Велан не е политички затвореник.

Велан на последното судско рочиште дојде со испишан лист кој притоа го стави на стаклото од кафезот на судот за да го означи неговото судење како бесрамно. На телевизиските камери во понеделникот им беше забранети да снимаат, наводно како претпазливост на коронавирус. Велан ги осуди обвиненијата против него како фабрикувани и смешни.