Полскиот уставен суд завчера отворено го оспори авторитетот на Европскиот суд на правдата, зголемувајќи ги стравувањата дека Варшава се става надвор од правниот поредок во Европската Унија, пишува „Политико“.
Полскиот уставен суд соопшти дека примената на мерките на Европскиот суд на полското судство е неуставна.
– Ова е решителен чекор кон правен „Полегзит“ – напиша Војчех Садурски, експерт по уставно право на универзитетот во Сиднеј, по полската одлука.
Истовремено во Брисел е присутна фрустрација поради потешкотиите на европскиот блок во справувањето со уназадувањето на владеењето на правото во одредени земји-членки, вклучувајќи ја Полска. ЕУ затоа се соочува со зголемен притисок за ограничување на финансирањето на Варшава.
Пресудата во Варшава беше објавена неколку часа по мерката на Европскиот суд на правдата според која на Полска ѝ е наложено да ги суспендира законите за управување со полскиот одбор за надзор, на кој му беа дадени овластувања во врска со повеќе прашања поврзани со Уставниот суд. Европскиот суд изрази сомнежи за независноста на институцијата, откако издаде слична наредба во април.
Контрадикторните судски одлуки во Полска ги зголемија стравувањата во Брисел дека Варшава се оттргнува од обврските кон ЕУ. Претседателката на групата на демократи и на социјалисти во Европскиот парламент, Ираче Гарсија Перез, на Твитер напиша дека полската судска пресуда е „напад врз правниот поредок во ЕУ“.