Полските жртви од Втората светска војна треба да добијат 543 милијарди долари од Германија како отштета од Втората светска војна, соопшти синоќа претседателот на полската парламентарна група, која се занимава со репарации.
Претседателот на групата Аркадиуш Муларчик истакна дека по направената експертиза во 1990 година, во Полска имало 13.315,000 лица кои непосредно настрадале од нацистичка Германија. Меѓу нив се оние кои биле одведени во логори на принудна работа, инвалиди, вдовици и сирачиња, како и заболените од туберкулоза поради условите за живот под окупација.
Парламентарната група пресметала дека пред 18 години, сумата за компензација изнесувала 284 милијарди долари, но ако се актуелизира според куповната моќ на доларот во 2017 година, сега изнесува 543 милијарди долари
Муларчик потенцира дека таа сума се однесува само на индивидуалните компензации, а не и репарации. Претходно беше соопштено дека Варшава од Берлин бара други 850 милијарди долари.
Темата за репарации почна да се разгледува во Полска во јули минатата година, кога лидерот на владејачката партија „Право и правда“ Јарослав Качински изјави дека земјата никогаш не се откажала од компензација од Германија. Тогашниот министер за одбрана Антониј Мачеревич изјави дека од правна гледна точка, Варшава има секаква основа да бара репарации од Берлин.
Германската Влада во повеќе наврати соопштуваше дека не гледа никакви основи за какви и да се плаќања, бидејќи во 1953 година Полска официјално се откажала од репарација. Варшава, пак, тврди дека договорот од 1953 година бил потпишано под притисок на СССР и се однесувал на сега непостоечките Германска Демократска Република и Полска Народна Република.