Полицијата во Колумбус, Охајо, САД, денеска ги повлече обвинувањата против порно-глумицата Сторми Даниелс која беше уапсена завчера.
Началникот на Полицијата на Колумбус, Кимберли Џејкобс изјави дека во моментот на апсењето, патролата што го следела етичкото однесување на стриптизетките „имала впечаток дека е прекршен законот за работа поврзана со секс“, пренесуваат американските медиуми.
– Еден елемент од законот е протолкуван погрешно и кусо потоа оптужбите се повлечени… Се случи грешка и преземам целосна одговорност за тоа – изјави Џејкобс.
Порно-актерката пред неколку месеци беше актуелна поради својата наводна афера со американскиот претседател Доналд Трамп. Таа беше уапсена завчера, за време на настап во стриптиз клуб во градот Колумбус, зашто, како што беше соопштено од полициските власти, „му дозволила на гостин од публиката да ја допре на сцената“. Нејзиниот адвокат Мајкл Авенати истакна дека таа ќе се изјасни за невина по сите точки од обвинението, бидејќи допирите биле на „несексуален начин“.
Според законот на Охајо, забрането е да се допираат танчерки во стриптиз клуб.