Група за човекови права во Зимбабве ги обвини војниците кои делуваат на протестите во државата за „систематска“ тортура врз демонстрантите, пренесува Би-би-си. Силните критики кои се испраќаат до властите доаѓаат по неколкунеделните протести за зголемените цени на горивата во земјата.
Челните луѓе од власта ги оправдаа чекорите на обезбедувачите на јавната безбедност во државата и тие сметаат дека е неопходно да се дејствува за да се спречи ескалација на протестите.
– Кога ситуацијата ќе излезе надвор од контрола, неопходна е „цврста рака“ – рече портпаролот на Владата во Зимбабве.
Според информациите од светските медиуми, војската извршила неколку ацкии во главниот град Хараре, а очевидци тврдат дека армијата физички нападнала група демонстранти. Сè уште нема точни информации, но се смета дека најмалку 12 лица се убиени на протестите, а има уште поголема бројка на повредени во немилите настани.
Со почетокот на протестите во оваа африканска држава, властите преку главниот интернет-провајдер во државата ги забрани социјалните мрежи и апликациите за комуникација, а владата го оправда овој нивен чекор како неопходна мерка за контрола врз безбедносната ситуација во земјата.
За потсетување, моментално Зимбабве има највисоки цени на горива во светот, а поради лошата економска ситуација драстично се зголемени и цените на основните намирници за живот, како што е оризот и шеќерот, но и државните услуги како картите за јавниот превоз и слично.
Зголемувањето на физичкото насилство од страна на државните сили отвори многу прашања за работата и компетенциите на претседателот на државата Емерсон Мнангагава во однос на контролата врз армијата, која пред 14 месеци успеа да го донесе на власт во Зимбабве.
Претходно, претседателот Мнангагава вети дека прекумерното користење на сила врз цивили од страна на војската и полицијата нема да биде толерирано. Во понеделникот, претседателот на Зимбабве го откажа и патувањето во Европа на самитот во Давос, поради лошата ситуација и проблемите со протестите и економската ситуација во неговата земја.