Тајландскиот крал Маха Вајиралонгкорн денеска оцени дека дека кандидатурата на неговата постара сестра, принцезата Уболратана Раџакања Сиривадана Барнавади за премиер на Тајланд е неуставна и несоодветна.
– Принцезата Ублоратана е првото дете на покојниот крал Бумибол Адулјадеџ и на кралицата Сирикит. Таа е многу почитувана од сите членови на кралското семејство. Нејзиното учество во политиката е против долгогодишната национална традиција и е многу несоодветно – се наведува во писмената изјава на кралот Маха Вајиралонгкорн .
Во изјавата кралот нагласува и дека „монархијата треба да остане над политиката“.
Реакцијата на кралот Маха Вајиралонгкорн уследи само неколку часа откако популистичката партија Спас за тајландската нација (ТРЦ), формирана од сојузници на соборениот тајландски премиер Таксин Шинаватра, соопшти дека ја предлга 67-годишната принцеза Уболратана Раџакања Сиривадана Барнавади за нејзин кандидат за премиер.
Принцезата подоцна преку Инстаграм и се заблагодари на партијата за номинација, нагласувајќи дека таа се откажала од нејзината кралска титула и дека сега е само обична граѓанка без привилегии.
Принцезата Уболратана, која долги години живее во Калифорнија, е позната и по тоа што глумела во неколку тајландски телевисики сапуници.
Еден од нејзините главни ривали за премиерската функција, на изборите на 24 март, актуелниот премиер Прајут Чан-оча, оцени дека кандидатурата на принцезата претставува кршење на законот, бидејќи тој забранува политичките партии да ја користат монархијата во своите кампањи.
Тајланд е уставна монархија од 1932 година, но кралското семејство има големо влијание и ужива поддршка од милиони граѓани.