Федералните власти во САД вчера обелоденија огромна измама во која се вклучени 50 обвинети во шест различни сојузни држави. Измамата во која се „свртеле“ милиони долари се вклучени и познати холивудски ѕвезди, но и некои од најелитните универзитети и колеџи во земјата.
Според појаснувањето на Си-ен-ен, наводната криминална шема е многу едноставна, а според нив дури и безобразна. Имено, учениците препишувале на тестовите, а потоа ги подмитувале луѓето кои одлучувале кои ученици ќе влезат на универзитетите. Во меѓувреме, тие митото го плаќале во лажни добротворни организации.
Експертите појаснуваат дека Вилијам Рик Сингер кој се смета за организатор и прв човек на мрежата, имал два начини на спроведување и на наплаќање на своите „услуги“. Адвокатот Ендру Лелинг на пресконференција во Бостон го објасни целиот процес.
– Практично има два типа на измами кој Сингер ги продавал. Еден начин е да препишувате на приемните стандардизирани тестови за универзитетите и колеџите (САТ и АЦТ тестови), а другиот е користење на конекции со тренери и користење на мито, за децата на богати родители да добијат лажни спортски квалификации со кои ќе бидат примени на универзитетите – објаснува адвокатот Лелинг.
Според Лелинг, вкупно 50 луѓе се обвинети во случајот, а уапсени се двајца администратори на САТ/АЦТ тестовите, еден набљудувач на тестирање, девет тренери во елитни универзитети, еден администратор во колеџ и 33 родители.
Познато е дека во случајот се вмешани и актерките Лори Лоулин и нејзините ќерки, како и ѕвездата на серијата „Очајни домаќинки“, Фелисити Хофман.
Според информации од истрагата, за првиот начин на измама на САТ и АЦТ тестирањето, првообвинетиот Сингер овозможувал препишување на учениците чии родители биле доволно богати да платат за неговите услуги. Во целата шема се појавува и името на извесен Марк Ридел, кој или сам ги решавал тестовите на местото на учениците кои платите или пак ги менувал нивните одговори со негови. Ридел успевал да ја спроведе целата измама откако претходно администраторите и набљудувачите биле подмитени од страна на Сингер.
Родителите кои го ангажирале Сингер за овој тип на измама плаќале меѓу 15 и 75 илјади долари за едно тестирање, а парите ги исплаќале во лажен фонд за добротворни цели.
Вториот тип на измама во која Сингер бил вклучен е подминтување на тренерите во универзитетите, кои иако директно не одлучуваат кој ученик ќе биде примен, тие можат да даваат препораки. Така, првообвнитетиот подмитувал повеќе различни тренери во елитни школи да добијат добри препораки, дури и ако тие ученици никогаш во средно училиште не се бавеле со спорт.
За овој тип на измама е обвнета актерката Лоулин и нејзиниот сопруд Мосимо Џанули, кои наводно се согласиле да платат мито од 500 илјади долари во замена за тоа нивните ќерки да бидат дел од Универзитетот на Јужна Калифорнија.