Девет рудари загинаа при пожар во рудник во близина на градот Соликамск, на околу 1.500 километри североисточно од Москва.
Властите на регионот Перм, на чија територија се наоѓа рудникот, утрово соопштија дека спасувачките екипи досега ги пронашле телата на осуммина од загинатите рудари, додека по деветиот и натаму се трага.
Рудникот за калиумов карбонат е сопственост на руската компанијата „Уралкалиј“.
Причините за пожарот, кој избувнал на длабочина од 340 метри во рудникот, засега на се познати.
Во време на избувнувањето на пожарот, во рудникот се наоѓале 17 лица, од кои осум успеале да излезат од јамата.
Поради густиот чад од огнот и високата температура, спасувачките екипи со часови не можеле да дојдат до деветтемина рудари, кои останаа заглавени во рудникот по избувнувањето на пожарот.