Јавноста во САД се крена на нозе во очекување на книгата на поранешниот советник за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон, која беше објавена и покрај обидите на адвокатите на Белата куќа со изнесени аргументи да го оневозможат тоа. Во книгата се опишуваат настани додека Болтон бил главен помошник на претседателот Доналд Трамп. Сегашниот американски државен секретар, Мајк Помпео, во понеделникот го спореди Болтон со Едвард Сноуден, поранешен разузнавач, обвинет за шпионажа.

– Искрено, тој сериозно ризикува да биде гонет за објавувањето на тие информации – предупреди американскиот државен секретар Помпео за „Фокс њуз“ пред објавувањето на „Собата каде што се случи“, што е всушност хроника од седумнаесетмесечниот престој на Болтон во Белата куќа. Болтон не е веќе во Белата куќа од септември минатата година, по несогласувањата околу решенијата за американските надворешнополитички предизвици како Северна Кореја, Иран, Авганистан и Русија.
– Сите видовме што се случува кога луѓето ќе почнат да објавуваат доверливи информации, како Едвард Сноуден. Она што го стори Џон Болтон не е толку далеку од тоа – додаде Помпео. Во книгата, според досега достапните информации, имало и информации за справувањето на Трамп со Украина во минатото лето, кога демократите го обвинија претседателот дека се обидува да го увери украинскиот претседател Володимир Зеленски да поведе истрага против демократот Џо Бајден.

Книгата требаше да помине низ процес на испитување од страна на адвокатите од Белата куќа. Адвокатот на Болтон, Чарлс Купер, изјави дека неговиот клиент поминал низ повеќе уреднички поправки, како што бараше Белата куќа, за да се обезбеди дека не се откриени класифицирани информации и оти Болтон сметал дека во мај ја имал конечната дозвола, иако не добил писмо со кое се потврдува тоа.
– Па иако одлуката за правно дејство треба да дојде од Министерството за правда, сепак објавување вакви информации претставува закана и удар врз Соединетите Американски Држави – предупреди државниот секретар на САД. Во повеќе интервјуа претседателот на САД изрази негодување за книгата на Болтон, но и обвинувања дека со одредени содржини изнесени во неа, авторот го прекршил законот.


Кој е „јастребот“ Џон Болтон

Џон Р. Болтон, поранешниот советник за национална безбедност, уште со најавата за својата книга го сврте вниманието на американската, но и на светската јавност врз себе, бидејќи ретко се случува некој толку близок соработник на американскиот претседател да излезе јавно со такви отворени сведоштва. Контроверзни информации и ставови поврзани со претседателот на САД, Доналд Трамп се предмет на книгата на Џон Болтон. Според авторот, информациите се факти што на одреден начин добиваат едно дополнително толкување од страна на самиот тој, кој бил жив сведок и учесник во најважните настани од поновата американска историја. Но тоа е само едната страна од приказната. Дали настаните се вистински или пак инсинуации, измислици или спинувања, тоа допрва треба да се констатира. Токму затоа претседателот на САД ги вложи сите напори да се чуе и другата страна, како што налагаат и општоприфатените принципи, за да се дојде до вистинската слика.

Книгата е водечки бестселер на „Амазон“, дури и пред да се појави во книжарниците. Тоа е затоа што нејзиниот автор, Џон Болтон, беше исклучително важен дел од администрацијата на Белата куќа, како еден од клучните актери во надворешната политика, а за кој се смета дека е многу конзервативен. Познавачите го опишуваат Болтон како комплициран, контроверзен човек. Поранешен висок службеник во администрациите на Роналд Реган, Џорџ Х. Буш и Џорџ В. Буш, во чиј мандат стана и амбасадор во Обединетите нации. Беше еден од најгласните заговорници за цврста надворешна политика, заговорник на војната во Ирак, а подоцна ја фаворизираше можната воена акција против Северна Кореја и Иран.

Тој прифати да биде трет советник на претседателот Трамп за национална безбедност во 2018 година, мислејќи дека ги разбира ризиците и ограничувањата. Но Болтон се обидуваше да ги искористи своите 17 месеци во Белата куќа за да ги оствари целите во политиката што му беа нему важни. Пред сѐ, тоа беше повлекувањето на САД од мноштвото меѓународни договори, кои тој ги смета за погрешни, како што беше иранскиот нуклеарен договор и слични. Болтон минатиот септември поднесе оставка, а Трамп, пак, тврди дека тој го отпуштил по судирите околу прашањата за Иран, Северна Кореја, Украина и мировниот договор со талибанците во Авганистан.