Принцот Филип, војводата од Единбург и сопруг на кралицата Елизабета Втора, кој почина минатата недела на 99-годишна возраст, ќе биде погребан денеска по комеморацијата во капелата Сент Џорџ во замокот Виндзор.
Поворката се упати кон капелата. Таа е предводена од најстарите деца на војводата, Чарлс и Ана, следени од Едвард и Ендрју, потоа принцовите Вилијам и Хари.
Погребот ќе биде со 30 гости на црковната служба, според ограничувањата поради коронавирусот. Кралицата и избраните членови на семејството ќе носат маски и ќе седат оддалечени два метра.
Претставници на вооружените сили низ целиот Комонвелт маршираа да ги заземат своите места. Бројот на воен персонал во службата е намален на 730 лица.
Пред церемонијата, ковчегот на Филип беше преместен од приватна капела во замокот Виндзор во Внатрешната сала на замокот, каде што ќе се одржи молитвата. Церемонијата ќе биде богата со симболика и ќе ги потсетува луѓето на животот на Филип во служба на кралското семејство и нацијата.
Гренадиерската гарда, вековен полк на британската армија, во која војводата од Единбург служеше како полковник повеќе од четири децении, го постави ковчегот на мртовечка кола што принцот помогна да се дизајнира.
Возилото, модифициран „Ленд ровер дефендер“, ја предводи малата поворка кон капелата Свети Ѓеорѓи, исто така на теренот на замокот Виндзор.