Во Израел утрово почнаа повторните парламентарни избори, кои би требало да одлучат дали Бенјамин Нетанјаху ќе остане премиер. Како што пренесуваат светските медиуми, гласачките места се отворени во 7 часот по локално време и ќе се гласа до 22 часот.
Нетанјаху на изборите во април претрпе еден од најголемите порази во кариерата, кога не успеа да состави нова Влада, по што се одлучи за нови избори.
Никогаш во историјата на Израел не се одржале избори двапати во една година. Последните анкети покажуваат на уште еден тесен натпревар меѓу „Ликуд“ и центристичкио сојуз „Сини и бели“, кои ги предводи воениот лидер Бени Ганц.
Израелското бирачко тело е длабоко поделено по верски, етнички и идеолошки линии.
Нетанјаху, во пресрет на изборите, објави дека ќе ги анектира сите населби на Западниот брег.