Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп застана цврсто зад компанијата „Боинг“ и нејзиниот проблематичен авион „737 Макс“, се додека не реши, сепак, да го приземји, пишува европското издание на магазинот „Политико“.
Водечките американски транспортни регулатори во текот на два дена не отстапуваа од одлуката да го остават исплатливиот авион на „Боинг“ да превезува патници низ САД, додека властите во Кина, Обединетото Кралство, Франција, Европската Унија и во Канада го прогласија за опасен за летање. Државната секретарка за транспорт, Елејн Чао, завчера патуваше со „737 Макс 8“ од Остин до Вашингтон. Трамп беше тивок, освен што напиша на Твитер оти „авионите стануваат премногу компликувани за пилотите да управуват со нив“.
Многумина се прашуваа колкаво е влијанието на компанијата „Боинг“ врз одлуките на владата, додека САД одбиваа да ги приземјат авионите. Американскиот произведувач потрошил 275 милиони долари на лобирање од 1998 година, а донираше и еден милион долари за инаугурацијата на Трамп. Згора, „Боинг“ е вториот најголем државен изведувач во одбранбената индустрија, добивајќи зделки вредни 104 милијарди долари помеѓу 2014 и 2018 година, а компанијата овозможува 153 илјади работни места во САД.
Поврзаноста на Трамп со авијацијата се зголеми за време на неговиот претседателски мандат, вклучувајќи ги познанствата со моќни директори во одбранбената индустрија, меѓу кои е и врската со директорот на „Боинг“ Денис Миленбург.
А британски „Индепендент“ индиректно го поврза Трамп со проблемите на „Боинг“, изнесувајќи информации според кои блокадата на американската влада ги одложила поправките на моделот на американскиот произведувач што беше вклучен во несреќите во Етиопија и во Индонезија. Коалиција од околу 61 илјада пилоти упатија повеќе писма до американската влада, во кои посочија дека надзорот на Федералната администрација за авијација (ФАА) бил „значително намален“ или запрен во текот на блокадата.
Американскиот претседател сепак се премисли, и соопшти оти сите авиони „737 Макс“ кои се користат во САД ќе бидат приземјени на неодредено време, пред тоа да го сторат неговите регулатори на авијацијата.
Администраторот на ФАА Даниел Елвел ја презема одговорноста за одлуката за приземјување, истакнувајќи оти била донесена откако добиле „сателитски податоци“ кои покажуваат сличности на несреќата во Етиопија со онаа во Индонезија што се случи во октомври минатата година. Трамп, кој е долгогодишен сопственик на авион „Боинг 757“, инсистираше дека неговата изјава за приземјувањето била планирана, односно дека за неа ги консултирал сите вклучени страни, како и соседната Канада, иако изненади многумина кога ја соопшти. М.Ж.