Предупредувањето за појава на цунами, што беше издадено по силниот земјотрес од седум степени според Рихтеровата скала што ја погоди Алјаска, е повлечено.
Метеоролошката агенција на САД соопшти деа не се забележани големи бранови и оти нема опасност од цунами на Алјаска и на брегот на соседна Канада.
Претходно, голем број луѓе на Алјаска, вклучително и на островот Кодиак, беа евакуирани од брегот.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 41 километар и на оддалеченост од 12 километри од Енкориџ, најголемиот град на најсеверната американска сојузна држава.
По силниот земјотрес уследи послаб потрес со интензитет од 5,8 степени.
Засега нема информации за жртви, а причинета е значителна материјална штета.
На Алјаска годишно просечно има по 40.000 земјотреси, а поголемиот број од нив се силни.
На 27 март 1964 година на Алјаска беше регистриран најсилен земјотрес во историјата на САД, со интензитет од 9,2 степени. Епицентарот на земјотресот бил околу 120 километри источно од Енкориџ, а потоа уследи цунами, при што загинаа околу 130 луѓе.