По одлуката на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп нагло да го намали бројот на американските сили во Авганистан од 4.500 на 2.500 пред да ја напушти функцијата, оваа земја се соочува со секојдневни бомбашки напади и терористички закани. Имено, последниот од низата терористички напади се случи викендов, кога при самоубиствен бомбашки напад со автомобил-бомба во воената база во источната авганистанска провинција Гази загинаа најмалку 26 припадници на безбедностите сили. Како што пренесуваат западните агенции, само за викендов се случиле најмалку три терористички напади во земјата. Портпаролот на авганистанското министерство за внатрешни работи ги потврди нападите, притоа не прецизирајќи ги информации за штетите. „Си-ен-ен“ пренесува дека само во провинцијата Гази во последниве месеци имало често пресметки меѓу авганистанските безбедносни сили и талибанските милитанти.
Инаку, одлуката на Трамп да се ограничи на делумно повлекување на американските сили од земјата првпат ја објави Ројтерс пред две недели. Пентагон го потврди повлекувањето и исто така наведе скромно повлекување на силите во Ирак, што ќе го намали нивото на војската на 2.500 припадници. Критичарите оттогаш велат дека повлекувањето од Авганистан на американските сили ќе ја наруши кревката безбедност и ќе им наштети на тековните мировни разговори меѓу авганистанската влада и талибанските бунтовници. Лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Меконел, предупреди на големи промени во одбраната или надворешната политика во следните неколку месеци, вклучувајќи и намалување на американските војници во Авганистан.