Во својот говор за состојбата на нацијата во Конгресот, американскиот претседател ги предупреди демократите дека партиските истраги против неговата
администрација може да ѝ наштетат на домашната економија, која се наоѓа во подем. Шефот на Белата куќа го одржа годинашниот говор во критичен момент на неговото претседателство, кога му остануваат уште две години од мандатот, кои ќе одлучат дали тој ќе биде реизбран или ќе остане на само еден мандат
Американскиот претседател Доналд Трамп во својот говор за состојбата на нацијата во Конгресот повика на отфрлање на политиката на одмазда и отпор. Трамп ги предупреди демократите дека „смешните партиски истраги“ против неговата администрација и неговото работење би можеле да ѝ наштетат на американската економија, која е во подем. Шефот на Белата куќа го одржа годинашниот говор во критичен момент на неговото претседателство, кога му остануваат уште две години од мандатот, кои ќе одлучат дали тој ќе биде реизбран или ќе остане на само еден мандат.
Трамп ги повика двете партии на заедничко дејствување, иако неговиот повик е во спротивност со напнатата атмосфера во Конгресот, за која самиот придонесе, и со желбите на мнозинството демократи да блокираат некои од неговите планови во текот на наредните две години. Тој се обидуваше во говорот да ја добие поддршката од демократите, која се намали во текот на неодамнешната блокада на федералната влада поради конфликтот околу финансирањето на ѕидот на границата со Мексико. Според „Асошиејтед прес“, Трамп во говорот однапред се бранеше од демократите, кои се подготвуваат за нова рунда истраги против неговата администрација.
– За да има мир и закони, не може да има војни и истраги – порача американскиот претседател.
Тој опширно зборуваше и за својата намера за изградба на ѕидот со Мексико.
– Ве повикувам да ја одбраните многу опасната јужна граница, и тоа од љубов и посветеност кон нашите сограѓани и нашата земја – истакна Трамп.
Поголемиот дел од говорот, како што пренесуваат американските медиуми, бил посветен на надворешната политика, при што најавил детали за неговата втора средба со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, на самиот во Виетнам на 27 и 28 февруари. На првиот самит Северна Кореја даде општо ветување дека ќе се денуклеаризира, но Трамп порача дека неговиот пристап кон Пјонгјанг ги направил САД побезбедна земја.
– Да не бев избран за претседател на САД, според моето мислење ќе бевме во голема војна со Северна Кореја. Во рамките на нашата смела демократија ги продолжуваме историските напори за мир на Корејскиот Полуостров – додаде американскиот претседател.
Сепак, во најновиот извештај на експертите на Обединетите нации се наведува дека севернокорејската нуклеарна и ракетна програма воопшто не се запрени. Според нив, Пјонгјанг и натаму ја развива нуклеарната програма и тестира како да спречи евентуални големи напади. Северна Кореја, според извештајот, и натаму продолжува да ги заобиколува санкциите на ОН, што вклучува и масовен трансфер на нафта и јаглен од брод на брод.
Тој се осврна и на повлекувањето од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел со Русија, и предупреди дека ако не биде постигнат нов договор, САД ќе ги надминат сите други земји во развојот на нуклеарно оружје.
Обраќањето на претседателот за состојбата на американското единство стана традиција уште од времето на Роналд Реган, претседателот и законодавците да канат избрани гости како илустрација за позитивното или негативното влијанието на политиките на власта. Овој пат во главната сала на Кoнгресот седеа тројца воени ветерани од Втората светска војна, поранешниот космонаут од мисијата на Месечината, Баз Олдрин, ветерани ранети во војните во Блискиот Исток, рехабилитирани дилери на дрога помилувани од претседателот, жртви на вооружени десничарски екстремисти, па и малиот Џошуа Трамп, кој бил навредуван на училиште токму поради тоа што носи исто презиме со претседателот.