Меѓу американските дипломати, разузнавачки агенти и членови на Министерството за одбрана досега се регистрирани повеќе од 130 необјасниви инциденти познати како „синдром Хавана“, а некои од нив се случиле во последните неколку недели.
Тројца офицери на ЦИА добиле сериозни симптоми од декември, откако биле на задачи во странство, па затоа морале да се пријават во воената болница во Вашингтон, пишува „Њујорк тајмс, пренесува „Гардијан“.
Бројот на пријавени случаи е за 70 поголем од првично објавениот. Американски дипломати се жалеа на мачнина, главоболки, вртоглавица и други необјаснети симптоми.
Претставник на поранешни функционери погодени од „синдромот Хавана“, Марк Заид, рече дека со него контактирале некои други службеници кои сметаат дека имаат симптоми на овој мистериозен феномен.
– Бројките дефинитивно растат – додаде Заид.
Американските официјални лица потврдија дека се појавуваат нови случаи кои детално се анализираат, а истовремено предупредуваат дека некои луѓе можеби ги реинтерпретирале симптомите што ги имале порано и дека бројот на нови случаи не може да го одразува бројот на нови инциденти.
Во декември минатата година, Националната академија на науките објави извештај во кој се наведува дека оштетувањето на мозокот кое го претрпеле американски официјални лица во Куба и Кина е најверојатно резултат на некаква форма на насочена енергија, односно енергетски напад.
Шерил Рофер, поранешна хемичарка во Националната лабораторија Лос Аламос, ги доведе во прашање заклучоците од студијата и тврдењата на жртвите и некои експерти дека зад оштетувањето на мозокот стои некаков вид микробраново оружје развиено од непријателите.
– Доказите за ефектите предизвикани од микробрановите, кои се нарекуваат „синдром Хавана“, се многу тенки. Ниту еден од поддржувачите на оваа идеја не објасни како навистина функционира оружјето. Нема докази дека такво оружје е развиено некаде во светот. Ваквите тврдења бараат јасни објаснувања, но досега никој не понудил нешто што би го потврдило постоењето на мистериозното оружје – рече Рофер.