Повеќе од 100 американски конгресмени повикаа на заминување на Доналд Трамп од власта, откако неговите приврзаници упаднаа во зградата на Капитол, јавува Ен-би-си њуз. Групата се состои од 120 пратеници и 17 сенатори, вклучително и претседателот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и лидерот на малцинствотом Чак Шумер. Меѓу нив има само еден републиканец – Адам Кинцингер, член на Претставничкиот дом од Илиноис.

Некои од нив поддржуваат импичмент, некои се залагаат за смена на Трамп од власта повикувајќи на 25-тиот амандман, додека некои бараат Трамп веднаш да ја напушти претседателската функција.


Соработниците го напуштаат Трамп

Списокот на американски официјални лица кои ја напуштаат администрацијата на претседателот Доналд Трамп во знак на протест против насилството на Капитол Хил е продолжен за уште неколку имиња, откако по министерката за транспорт, Елен Чао, оставка поднесе и министерката а образование, Бетси де Вос.

Чао, сопруга на републиканскиот лидер во Сенатот, Мич Меконел, рече дека упадот на толпата на Капитол Хил бил толку загрижувачки за неа што не може да го гледа од страна.

Во писмото до Трамп, министерката Де Вос исто така рече дека нападот на Капитол Хил бил бескрупулозен, пренесува „Ројтерс“.

„Влијанието на вашата реторика врз ситуацијата е несомнено и тоа е пресвртна точка за мене“, му рече таа на Трамп во образложението за нејзината оставка.

Во другите вести, други четворица високи советници на Советот за национална безбедност на Белата куќа поднесоа оставки.

Следниот ден по немирите оставка поднесоа Стефани Гришам, шефицата на канцеларијата на првата дама Меланија Трамп и поранешна секретарка на Белата куќа за односи со медиумите, секретарката на Белата куќа за социјални прашања, Рики Нисет и заменичката на Белата куќа, Сара Метјус.

Началникот на полицијата во Капитол Хил, Стивен Санд, вчера поднесе оставка по критиките за неговата неподготвеност да се справи со насилните демонстранти во нападот среде Конгресот, пренесува Си-ен-ен.