Најмалку 95 новинари се убиени минатата година додека ја вршеле својата работа, според констатациите на Меѓународната федерација на новинари (МФН), а пренесува Би-би-си.
Бројката на загинати новинари е повисока од онаа во 2017 година, но пониска од онаа која беше забележана во претходните години кога се интензивираа конфликтите во Ирак и Сирија.
Најмногу новинари и медиумски работници загинале во 2006 година, кога бројката се искачи до 155 лица.
Едно од убиствата на новинари кои го привлече вниманието на светската јавност беше она на Џамал Кашоги, кој беше убиен на патот кон конзулатот на Саудиска Арабија во Турција. Овој случај предизвика дипломатска криза меѓу двете земји и меѓународна осуда.
Исто така, минатиот месец загина и новинарката Лира Меки на улиците на Дери, при известување за протестите кои избија во Северна Ирска.
Според Би-би-си, Авганистан останува една од најопасните земји за новинарите, а минатата година во земјата на Блискиот Исток загинаа 16 медиумски работници. Згора, девет авганистански новинари загинаа во еден инцидент во главниот град Кабул.
Неколку новинари загинаа и во САД минатата година. Поточно, пет луѓе беа застрелани во нападот на весникот „Капитал газет“ во сојузната држава Мериленд.
– Зголемената нетолеранција за известувањето, популизмот, како и корупцијата и криминалот сега се важни фактори. Тие придонесуваат до создавање на средина во која повеќе новинари се жртви известуваќи во нивните населби, градови и земји, отколку оние кои известуваат во конфликтните зони и региони – констатираат од МФН.