Шпанските владејачки социјалисти победија на третите избори во земјата за четири години, но не успеаја да го обезбедат потребното мнозинство, па ќе мора да бараат коалициски партнер. Партијата на премиерот Педро Санчез обезбеди 123 места и ќе бара помош од левичарската Подемос, регионалните партии или од умерената десница за да формира влада.
На овие избори првпат по смртта на воената хунта во 1970-тите во парламентот влегува крајно десничарска партија, Вокс (Глас). Ултранационалистите се против мултикултурализам, неограничена миграција и „радикален феминизам“.
Аналитичарите оценуваат дека поддршката за Вокс е поттикната од засилените барања за независност на Каталонија бидејќи партијата жестоко се противи на какви било отстапки за сецесионистите.
Друг клучен исход од шпанските избори е колапсот на поддршката за конзервативната Народна партија на Шпанија, која беше на власт до мај 2018 година, кога ѝ беше изгласана недоверба на нејзината влада. На најлошите избори досега, НП освои само 66 места, што е драстично намалување од 137-те места во претходниот состав на парламентот.
Одзивот беше речиси 76 отсто што е најголем во изминатите неколку години и е за девет отсто повисок од претходните избори во 2016 година, јави Би-би-си.
Во победничкиот говор, Санчез изјави дека големите предизвици на партијата се да се бори против нееднаквоста, да го зајакне соживотот и да ја запре корупцијата.
– Иднината победи и минатото загуби – изјави Санчез, кој за време на својот мандат ја зголеми минималната плата, назначи кабинет во кој доминираа жени и вети дека ќе донесе закони што ќе го дефинираат силувањето како секс без јасна согласност.
Според аналитичарите, резултатот претставува личен успех на премиерот, кој ја зголеми поддршката на 29 од 23 отсто на изборите во 2016 година. Сепак, социјалистите не можат самостојно да владеат па ќе бараат поддршка од минатите коалициски партнери Подемос, регионалните партии или од умерената десница Граѓани на Алберт Ривера, чиј лидер беше особено жесток кон Санчез поради соработката со каталонските сепаратисти и претходната влада ја нарекуваше „франкенштајн-влада“. Тој одбива да коалицира со социјалистите, а и нивните поддржувачи го мислат истото (на нивниот собир тие јасно извикуваа „не со Граѓаните на Ривера“). Лидерот на претходниот коалициски партнер Иглесиас јасно стави до знаење дека е можна нова левичарска влада, но нејзе ќе ѝ биде потребна поддршка од регионалните партии – каталонските или баскиските.
Сите партии сега се подготвуваат за регионалните и европските избори, кои се одржуваат за помалку од еден месец.