Шеснаесет лица во Бангладеш се обвинети за убиство на една тинејџерка која е жива запалена, откако поднесе обвинение за сексуално вознемирување.
Според Еј-би-си, група луѓе ја полиле со керозин 19-годишната Нусрет Јахан Рафи и потоа ја запалиле на покривот на Исламското училиште во градот Фени. Страшното злосторство се случи на 6 април, само неколку дена откако Нусрет го пријавила директорот на училиштето, Сира Уда Дул, за сексуален напад.
Меѓу обвинетите е и самиот директор кој е осомничен дека наредил убиство на девојката додека бил во притвор. Таа одбила да ја повлече тужбата против директорот, а полицијата го зеде тоа како мотив за убиство.
Бидејќи тинејџерката не сакала да го повлече извештајот, тој на соработниците им наредил да ја убијат.
Соработници испланирале сè – купиле керозин, ракавици и бурки, и ги рапределиле задачите. Девојката била намамена на покривот на училиштето каде што една група луѓе во бурки прво ѝ рекле да се откаже од жалбата и да ја потпише, а кога одбила, тие ја полиле со керозин и ја запалиле.
Тие сакале злосторството да го претстават како самоубиство, но девојката беше жива неколку дена со изгореници на 80 отсто од телото. Пред да почине на 10 април, таа ѝ дала изјава на полицијата.
Меѓу обвинетите, покрај горенаведениот директор на училиштето, се ученици и двајца локални политичари.
За сите осомничени беше побарана смртна казна, а полицијата додаде дека првиот осомничен на суд признал дека наредил убиство. Вкупно 12 од 16 осомничени признаа дека учествувале во злосторството, но не и двајцата политичари.
По смртта на девојчето и масовните протести, премиерката на Бангладеш, Шеик Хасин, се заколна дека сите оние кои се вклучени во убиството ќе одговараат за тоа.