Палестинците имаат полно причини да очекуваат дека нема да им се допадне мировниот план што се движи во нивна насока како ракета лансирана од Белата куќа. Тие инстинктивно ќе го одбијат. Што не би требале да го прават, објавува американската телевизија Блумберг.
Одговарајќи на безмалку шокантните делови на планот преку одбивање да се вклучат на нова рунда преговори, ќе претставува паѓање во стапица, „поставена“ од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Тоа би било самопоразувачки. Палестинците со сигурност не би требале да толерираат аспекти кои би можеле да ги поништат децениските напори од договрената рамка за мир.
Но, тоа нема да биде лесно. Постојат докази оти наскоро ќе биде објавен предлогот од зетот на Трамп, Џаред Кушнер, што ќе биде во спротивност со тезата „територија во замена за мир“, која му претходи на можното создавање на палестинска држава покрај Израел. Се претпоставува дека предлогот ќе наметне нови и неприфатливи услови за идни мировни преговори.
Сите претходни израелско-палестински преговори беа базирани врз спогодбата во Осло во 1993 година. Таа претставуваше и основа за постигнување на понатамошен напредок. Администрацијата на Трамп веќе го поткопа разбирањето помеѓу двете страни со признавање на Ерусалим за главен град на Израел.
– Палестинците веројатно ќе се соочат со нов американски план кој ќе се обиде да ја прошири договорената рамка од 1993 година, менувајќи ја со нова која му овозможува на Израел да ги анектира освоените територии, преку солуција која предвидува две држави – се наведува во анализата на Блумберг.
Палестинците би требале да ја прифатат приликата да се сретнат со Израел и со САД, но да инсистираат на почитување на веќе договорените услови и да дискутираат како да ги споведат, заклучува авторот.