Европското општество и по пет години од бегалската криза, до ден-денес, е длабоко поделено по прашањето за мигрантите. Околу 60 отсто од Германците, но и Европејците сметаат дека Унијата може добро да се снајде со бегалците, додека 40 отсто се уверени во спротивното
Точно пред пет години Европа поради воените судири на Блискиот Исток се соочи со бегалска криза, од која повеќе земји на континентот, вклучувајќи го и Балканот, беа исправени пред вистински предизвик од глобални размери. Сега во Европа, неколку години подоцна, во време на нова криза, овој пат здравствена, предизвикана од пандемијата на ковид-19, сѐ уште не е јасно што се постигна со мигрантската криза и дали таа можеше да се спречи на самите почетоци. Кој беше иницијаторот и како стојат работите со интеграцијата на доселениците на Стариот Континент се дилемите што сѐ уште се актуелни во европската јавност. Некои западни медиуми велат дека мигрантската криза дополнително направи раздор во Унијата, во делот на односите меѓу членките внатре, поради лошата меѓусебна координација, но и спротивставената политика за прифаќањето на мигрантите за време на кризата. Некои од нив пишуваат дека и по пет години од мигрантското цунами, сѐ уште постои трговијата со луѓе и шверцување лица во Европа, која ја загрозува безбедноста на Стариот Континент.
Во исто време, други пак велат дека пазарот на работна сила и професиите во Европа значително се подобрил како факт на доселениците од Блискиот Исток. Сепак, кога ќе се погледне наназад, оцената на политичката конкуренција во Германија, земја што најмногу беше засегната од мигрантската криза, е многу различна. Според политичарката на зелените, Ирене Михалиќ, исправно било тоа што германската канцеларка Ангела Меркел во тоа време не ги затвори границите. Таа вели дека алтернатива на тоа би биле хаотични состојби во срцето на Европа, со непрегледен потенцијал за конфликт. Од друга страна, политичарот на германската СПД, Ларст Кастелучи, дава согласност со задршки.
– Погрешно беше што нашите партнери не беа доволно вклучени, тоа до денес ни создава енормни тешкотии – изјави тој за германски Дојче веле.
Од друга страна, неуспехот на Грција на почетоците да ги запре бегалците предизвика некои членки на ЕУ во приодот за решавање на бегалската криза да ги натера да прибегнат кон парцијални решенија. Ова, за жал, на површина ги исфрли сопствените национални интереси пред пропагираните европски вредности, наведува европскиот портал Политико.
– Концептот на Вишеградската група (Унгарија, Полска, Чешка и Словачка) предвидува блокада на движењето на бегалците со воспоставување „ѕид“ на границата на Грција со Македонија, Албанија и Бугарија. Тој беше спротивен на германскиот концепт на Меркел во справувањето со бегалските бранови, кој во тоа време беше насочен кон организирано директно префрлање стотици илјади бегалци од Турција во земји-членки на ЕУ. Таквите различни ставови предизвикаа влошување на меѓусебните односи на членките во Унијата, кои и ден-денес се чувствуваат – пишува Политико.
Во меѓувреме, германски Дојче веле на оваа тема анализира како денес стојат работите со интеграцијата на доселениците. Според германскиот медиум, во делот на вработувањето мигрантите сѐ уште се далеку под просекот на германското население. Само околу половината од луѓето што се доселиле во Германија од 2013 година имаат работа, се вели во студија на Институтот за истражување на пазарот на работна сила и професиите од 2020 година. И генерално позитивниот тренд, сега делумно се расипува поради пандемијата на корона, поради тоа што многу бегалци имаат добиено откази, се вели во студијата. Во делот на криминалот, како што наведува медиумот, кој е исто така еден од индикаторите за интеграција, доселениците се премногу присутни при убиства и тешки телесни повреди во Германија, но и општо во Европа.
Во извештај за состојбата со криминалот на Германската криминалистичка служба во контекст со доселувањето се наведува дека една од причините за тоа е што меѓу доселениците има многу млади мажи, кои и онака се почесто извршители на такви деликти. Дополнително проблематично е и тоа што на државата само ретко ѝ успева одбиените баратели на азил да ги врати во татковините.
Сепак, како што наведува германскиот медиум, европското општество и пет години од бегалската криза, до ден-денес, е длабоко поделено по прашањето на мигрантите. Околу 60 отсто од Германците, но и Европејците, сметаат дека Унијата може добро да се снајде со бегалците, додека 40 отсто се уверени во спротивното. Политикологот Хенфрид Минклер изјави дека 2015 година ја извади на виделина линијата на поделба во германското општество и Европа и ја радикализира политиката на Стариот Континент.