Посредникот во убиството на словачкиот истражувачки новинар Јан Куцијак и неговата вереница Мартина Куснирова е осуден на 15 години затвор, објави словачкиот суд.
Казната беше изречена на претприемачот Золтан Андрушка, кој контактирал со двајцата извршители на убиството.
Андрушка е еден од петмина обвинети и единствен што ја призна вината барајќи да биде сведок.
Судењето на преостанатите четворица, вклучително и бизнисменот Марјан Коцнер, за кои Куцијак известувал во врска со случаи на измама во кои се вмешани бизнисмени поврзани со политика, почна на 19 декември и ќе продолжи во јануари.
Обвинителите тврдат дека Коцнер, кој бил предмет во текстовите за корупција на Куцијак, го договорил неговото убиство.
Убиството на Куцијак и неговата вереница минатата година предизвика бројни протести кои доведоа до оставка на премиерот Роберт Фико.