Пентагон соопшти дека сè уште се обидува да ја разубеди Турција од инвазијата на североисточна Сирија.
Соединетите Американски Држави не ја одобруваат воената операција на Турција во Сирија и нема да ја поддржат, се вели во соопштението на портпаролот на Пентагон, Џонатан Хофман.
Хофман истакна дека американскиот министер за одбрана, Марк Еспер, и генералот Марк Мили, началник на Здружениот штаб на американската армија, им кажале на турските колеги дека едностраната воена акција во курдската област на Сирија „претставува ризик“ за Турција, пренесува „АП“.
-Пентагон со своите сојузници и коалициони партнери повторно ќе ѝ пренесе во Анкара дека нејзината евентуална воена операција во Сирија може да има „дестабилизирачки последици“ врз Турција и регионот – рече Хофман.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно го предупреди турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган дека ќе се најде во „голема неволја“ доколку еден американски војник биде повреден во делови од Сирија што Турција планира да ги нападне.
-Ако некој од нашите луѓе се повреди, тоа ќе биде голема неволја – му порача Трамп на Ердоган, пренесува „Ројтерс“.