Пентагон денеска соопшти дека со ракетните напади врз Сирија бил уништен најголем дел од сириските капацитети за производство и употреба на хемиско оружје.
– Иако делови од сириската инфраструктура за хемиско оружје се уште постојат, мислиме дека им нанесовме сериозен удар – изјави генерал Кенет Мекензи, кој денеска одржа брифинг во Пентагон за ракетните напади што САД ги извршија заедно со Британија и Франција.
Според американската армија, нападите биле прецизни и сите планирани цели биле погодени. Сепак, Мекензи оцени дека е можно сириската армија се уште да има капацитети за користење на хемиско оружје.
– Нема да речам дека во иднина веќе нема да вршат хемиски напади. Но, сметам дека ќе размислат долго и сериозно пред повторно да го сторат тоа – изјави генералот.
САД, Британија и Франција истрелаа стотина проектили врз цели во Дамаск и Хомс. Сириската армија одговори дека најголем дел од ракетите биле пресретнати, и дека тие не предизвикале жртви, освен неколкумина повредени. Ова е втор ракетен напад на САД врз Сирија извршен како одговор на употребата на хемиско оружје.