САД брзаат со развојот и производството на суперсонично офанзивно и одбранбено
оружје, додека Русија и Кина веќе распоредија проектили за кои тврдат дека патуваат со брзина петпати поголема од брзината на звукот
САД забрзано се вклучуваат во развојот на ново оружје за борба против суперсоничните проектили, какви што Русија неодамна додаде на својот арсенал на ракети, за кои тврди дека не можат да бидат соборени, бидејќи се пребрзи. Агенцијата за истражување напредни одбранбени проекти (ДАРПА) склучи договор, во вредност од 13 милиони долари, со одбранбениот гигант „Нортроп груман“ за развивање на програмата „Глајд бејкер“. Програмата, како што наведува ДАРПА, почна во 2018-та и основна цел ѝ се развој и тестирање технологии што може да овозможат одбрана од хиперсонични системи. Пентагон соопшти дека со новиот договор ќе се обезбедат инвестиции за обезбедување такви капацитети, пренесува „Њузвик“.
– Овој договор ги финансира истражувањето, развојот и тестирањето технологија што е од критично значење за добивањето напреден пресретнувач, со капацитет за справување на хиперсоничните закани во горната атмосфера – се наведува во соопштението на Пентагон.
САД брзаат со развојот и производството на суперсонично офанзивно и одбранбено оружје, додека Русија и Кина веќе распоредија проектили за кои тврдат дека патуваат со брзина петпати поголема од брзината на звукот. Претседателот Доналд Трамп неодамна порача дека во САД веќе се произведуваат голем број суперсонични проектили. Од американското министерство за одбрана во ноември соопштија дека со одлуката на ривалите на Вашингтон за вооружување на хиперсоничната технологија е создадена борбена асиметрија на која САД мора да одговорат. Еден месец подоцна Пентагон склучи договор со гигантот „Локид Мартин“, во вредност од речиси една милијарда долари, за развој на хиперсоничен проектил воздух-копно, познат како АГМ-183А.
Русија веќе распореди две суперсонични оружја: воздушно лансираниот балистички проектил „кх-47м2 кинжал“ и комплексот „авангард“, кој поседува лизгачки проектили чија брзина е 27 пати поголема од брзината на звукот. Во развој е крстосувачкиот проектил „3м22 циркон“, кој се лансира од поморски платформи (бродови, подморници). Сите овие системи може да бидат опремени со нуклеарно оружје.
Во меѓувреме, како што пренесува „Њузвик“, руската војска наводно се опреми со ново оружје со суперсонични капацитети. Валери Слугин, главен дизајнер за противвоздушни воени системи при конгломератот „Ростег“, изјави дека одбранбениот ракетен систем копно-воздух „панцир-с“ е надграден со суперсонични можности. Слугин неодамна порача дека, покрај справувањето со различни ракетни и минофрлачки системи, „панцир“ би можел да биде искористен за одбрана против крстосувачки и балистички проектили, како и хиперсонични оружја.
Рускиот претседател Владимир Путин ги промовира овие оружја по говорот за обраќање до нацијата во 2017 година, тврдејќи дека нивниот развој е одговор на американското повлекување од договорите за контрола на оружјето и развојот на глобалниот ракетен штит. Во годинашното обраќање до нацијата, Путин порача дека руската војска остварила историски напредок.
– Првпат во историјата на ракетното нуклеарно оружје, вклучувајќи ги и советскиот период и модерните времиња, ние не заостануваме зад никого, туку, спротивно, другите водечки земји допрва треба да создадат оружја што Русија веќе ги поседува – истакна шефот на руската држава.