По 18 години борба против тероризмот на Блискиот Исток, американските вооружени сили почнуваат да планираат високотехнолошка војна
По речиси две децении исполнети со операции против бунтовници и џихадисти, предноста на американската војска е намалена, што резултира со заморени и недоволно обучени единици, кои се вооружени за погрешен непријател. Поради тоа, со Националната одбранбена стратегија на администрацијата на Трамп е предвидено САД да се фокусираат на долгорочен, стратегиски натпревар помеѓу државите, првенствено со Кина и со Русија.
– Ова е првпат по ерата на Реган САД да се мотивирани да ја модернизираат својата архитектура за водење војна, како и своите технологии. Првпат сме принудени да размислиме за тоа како ги водиме војните – истакнува Мајкл Грифин, шеф за технологии во Пентагон.
Еден од приоритетите е опремување на вооружените сили со оружјето што им е потребно. Втор приоритет, според британски „Економист“, е осигурување вооружените сили да ја добијат потребната обука и подготвеност да го искористат оружјето во битки со какви би се соочиле во источна Европа и во западен Пацифик. Друг фокус е промена на тоа што Пентагон навистина прави со своите војници, авиони и бродови.
Најзначителен елемент на стратегијата е динамичното користење сили, што се однесува на преместување на силите низ светот набрзина и неочекувано, за да се збунат непријателите. Минатата година, на пример, американскиот носач „Хери С. Труман“, кој вообичаено плови околу Блискиот Исток, беше ненадејно повикан дома на средина од циклусот на распоредување и потоа ненадејно беше испратен во Арктичкиот Круг, за да им се приклучи на големите маневри на НАТО.