Повлекувањето на Русија од Договорот за отворено небо, објавено од руското Министерство за надворешни работи, беше неизбежно поради немањето желба за соработка од САД, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунјинг.
„Како што сфаќам, директната причина за одлуката на Москва да почне постапка за излез од Договорот за отворено небо е едностраното повлекување на САД и покрај меѓународната позиција. Тоа значително ја поткопа билатералната доверба меѓу вооружените сили на двете земји и транспарентноста меѓу страните. Русија се обиде да го зачува договорот, но не доби никаква позитивна реакција од САД или од другите страни во договорот,“ рече таа.
„Веќе подолго време САД се држат до менталитетот на Студената војна и на политиката од типот ‘прво Америка’, истовремено напуштајќи мултилатерални договори и меѓународни организации што влијаат на меѓународниот режим на контрола на оружјето и на разоружувањето“, истакна дипломатката.
Фактите покажуваат дека иднина може да се обезбеди преку дијалог и соработка, а не преку еднострана политика. Кина ги повикува САД да ја сослушаат загриженоста на меѓународната заедница и да преземат мерки за одржување на глобалната стратешка стабилност, мир и безбедност во регионот и пошироко, додаде таа.
На 15 јануари руското МНР објави дека Русија почнува повлекување од Договорот за отворено небо. Другите страни ќе го добијат релевантното известување кога ќе завршат домашните процедури.
Вашингтон ја обвинуваше Русија за селективно почитување на договорот и кршење голем број клаузули на договорот за неколку години. Русија има свои поплаки до Вашингтон во врска со спроведувањето на договорот.
Во 2017 година Вашингтон објави воведување одредени ограничувања против рускиот набљудувачки лет над територијата на САД предизвикувајќи ја Русија да реагира соодветно. САД се повлекоа од Договорот за отворено небо на 22 ноември.