Илустрација: Интернет

Анализа на Шерис Фам

Си-ен-ен

Пекинг само што му покажа на технолошкиот титан Џек Ма и на останатите кинески тајкуни-милијардери кој всушност е главен. Кинеските регулатори ги запрепастија финансиските пазари во вторникот кога ставија кочница на силно очекуваната првична јавна понуда на групацијата „Ант“, само неколку дена пред нејзините акции да почнат да се продаваат во Шангај и во Хонгконг. Финансиско-технолошката фирма на Ма требаше да собере 37 милијарди долари и да ја оствари најголемата продажба на акции во историјата. Шангајската берза соопшти пред јавноста дека ја одложила првичната јавна понуда на „Ант“ поради „крупни проблеми“ кои можат да доведат компанијата „да не ги исполни наведените услови или барањата за претставување“. Ова се случи откако кинеската Централна банка и други кинески владини претставници го повикаа Ма и извршните директори од групацијата „Ант“ на состанок в понеделник.

Не е јасно или познато дали и кога првичната јавна понуда повторно ќе биде на масата. Од групацијата „Ант“ соопштија дека ќе останат во „интензивна комуникација“ со регулаторите и со шангајска берза. Но, ваквата досега невидена интервенција служи како предупредување за кинеските претприемачи со високи амбиции, дури за членови на Комунистичката партија како Ма. Тоа исто така значи дека ако „Ант“ ги исполни новите регулаторни барања, тогаш огромниот бизнис ќе почне да се развива под будното око на строгите кинески регулатори.

Инвеститорите веќе се загрижени што тоа би можело да значи. Акциите во „Алибаба“ (БАБА), гигантот за електронска трговија што го кооснова Ма, забележаа пад од осум отсто во Њујорк во вторникот. Падот на акциите избриша 68 милијарди долари од пазарната вредност на „Алибаба“ врз основа на вредноста на акциите во Њујорк. Соопштението на шангајската берза следеше само една недела откако Ма порача дека важно е да се избегне системскиот ризик, но јавно ги критикуваше кинеските регулатори затоа што ја спречувале иновацијата затоа што премногу биле фокусирани на избегнување ризици.

Во понеделникот, кинеските регулатори ги повикаа Ма и другите директори во „Ант“ за да спроведат она што властите го нарекоа „регулаторно интервју“. Групацијата „Ант“ порача дека двете страни ги промениле „ставовите во однос на состојбата и стабилноста на финансискиот сектор“. Коментарите на Ма „јасно не наидоа на прием кај моќниците во Пекинг“, како што во средата наведе Џефри Хејли, истакнат аналитичар на пазарот во Азија-Пацифик во Оанда и притоа истакна дека „Еден човек го има главниот збор во Кина, а тоа не е Џек Ма“.

Во изминатите неколку години, претприемачите како Ма се ценеа затоа што им помогнаа на Кина и на кинеската Комунистичка партија да постигнат високи цели со стимулирање на потрошувачката и со поттикнување на ефикасноста, според Кларк. Но неодамна, кинескиот претседател Си Џинпинг и партијата јасно ставија до знаење дека за приватните фирми се воведуваат построги правила. Во септември, партијата претстави невообичаено директна низа на правила со кои се истакнува потребата за „политички разумни лица“ во приватниот сектор кои „строго ќе ја слушаат и следат партијата“.

„Ант“, која е подружница на гигантот за електронска трговија „Алибаба“, се наметна во секој аспект на финансискиот живот за стотици милиони Кинези. Таа нуди низа на услуги како дигитално плаќање преку популарната апликација „Алипеј“, инстант кредити и мали заеми, производи за раководење со пари и осигурување.

Кинеската регулаторна комисија за банкарство и осигурување, која е една од регулаторните тела кои го повикаа Ма и неговиот тим, предложи нови правила во понеделниот за фирмите кои нудат онлајн заеми. Правилата велат дека „Ант“ ќе мора да обезбеди дополнителни средства за заемите кои ги олеснува и да определи поголем кредитен ризик на својата билансна состојба, според неколку аналитичари. Кинеските државни медиуми вчера укажаа на построгите регулативи, како на знак дека властите сакаат да имаат поголема контрола врз најголемите технолошки компании во државата.

Данкан Кларк, авторот на книгата „Алибаба: куќата која Џек Ма ја изгради“ и основач на инвестициската советодавна фирма „БДА Кина“, вели дека „Ант“ можеби стана „жртва на сопствениот успех“. Првичната јавна понуда ќе ја зголемеше вредноста на компанијата за над 310 милијарди долари што е многу повеќе од големите американски инвестициски банки како „Голдман Сакс“ и „Морган Стенли“. Исто така имаше огромна побарувачка за акциите во Шангај и во Хонгконг, со шангајскиот дел од првичната јавна понуда ја зголеми вредноста за над 870 пати. Најверојатно поради ова се вознемирија кинеските регулатори, според Кларк.

„Ант“ во многу „неповолно време“ се најде на удар на кинеските регулаторни промени, како што посочи Хао Хонг, управниот директор и шеф на истражување во инвестициската банка „Боком интернешенел“. Но тој сè уште очекува „Ант“ да ги оживее плановите и да се претстави во јавноста. Хонг вели дека „Ант“ ќе треба да се прегрупира и повторно да се обиде со првичната јавна понуда за шест месеци, затоа што на крајот сепак ќе биде прифатена.

Превод: Билјана Здравковска