Несреќата што се случи на реката Дунав во Будимпешта беше кобна за цели семејства, како и колеги од Јужна Кореја, кои биле на патување низ Источна Европа, пренесува јужнокорејскиот весник „Чосун Илбо“.
Од 35 луѓе кои биле бродот, седуммина беа спасени, други седум беа пронајдени мртви, а останатите 21 се водат како исчезнати заедно со унгарски капетан и еден член на унгарскиот екипаж.
Јужнокорејските туристи, од кои повеќето биле пријатели и колеги од работа на патувањето заедно со нивните семејства, кога се случила несреќата го завршувале петтиот ден од деветдневната тура низ Источна Европа.
Во рамките на турата биле предвидени посети на Германија, Словенија, Хрватска и Унгарија, а оттаму тие требало да продолжат кон Австрија и кон Чешка.
Три генерации од едно семејство, маж и жена, и нивни роднини, загинале во несреќата.
Полицијата во Будимпешта веднаш спроведе акција за спасување, но беа спасени само седуммина, а други седум тела на починати беа пронајдени по несреќата. Помеѓу исчезнатите се и шестгодишно девојче, нејзината мајка, како и нејзините баба и дедо, сите од Инчеон.
– Ова патување беше подарок од мајката на мојата сопруга, која се грижеше и ја чуваше нашата ќерка – изјави таткото на исчезнатото девојче.
Чо-Сунг-Јун, кој со други 25 туристи од Јужна Кореја бил на друг брод, веднаш зад потонатиот брод, пред да се случи несреќата, вели дека сите биле неподготвени за она што се случило. Околу 20 туристи кои се наоѓале на горната палуба сликале фотографии кога несреќата се случила. Тие веднаш биле проголтани од надојдените води.
Туристите често се жалат дека турите со малите бродови продолжуваат да се одвиваат, и покрај лошите временски услови, а екипажот не им ги објаснува правилата за безбедност за време на патувањето. Друг проблем, исто така, е големиот воден сообраќај кој се одвива на реката Дунав.
Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин вчера изјави дека спасувачка екипа од Јужна Кореја треба да пристигне во Будимпешта, и дека ќе стори се што е во нејзина моќ во потрагата по исчезнатите.
Унгарската полиција синоќа соопшти дека го уапсила капетанот на крузерот кој учествуваше во несреќата на Дунав во која загинаа најмалку седум јужнокорејски туристи.
Унгарските власти мобилизираа 100 пожарникари, како и дел од војската во потрагата по исчезнатите туристи, која траеше цела ноќ, но силниот дожд и водните струи го оневозможија тоа.