Граѓаните на Велика Британија денеска гласаат на вонредни парламентарни избори на кои се решава не само кој ќе управува во земјата, туку дали, кога и како оваа земја ќе излезе од Европската Унија. Главните ривали на изборите се владејачката Конзервативна партија на премиерот Борис Џонсон и опозициската Лабористичка партија на Џереми Корбин.
Право на глас во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска имаат 46 милиони гласачи, кои ќе решат кој ќе влезе во Долниот дом на Парламентот, во кој има 650 пратеници.
Изборите би можеле да бидат и пресвртница за актуелниот премиер Борис Џонсон, претседател на Конзервативната партија, која доколку ја загуби власта, ќе стане премиер со најкус стаж во Даунинг стрит 10, каде дојде во јули годинава.
Изборите се одржуваат две години пред редовните, откако на тоа инсистираше премиерот Џонсон, надевајќи се дека ќе освои апсолутно мнозинство и ќе ја изведе земјата од политичкиот ќорсокак околу брегзит. Џонсон вели дека ако неговата партија освои мнозинство парламентот ќе го ратификува договорот со Брисел што кон средината на октомври го постигна со ЕУ и оти неговата влада ќе направи се за да се оствари брегзит во договорениот рок, 31 јануари.
Опозициската Лабуристичка партија на Џереми Корбин моментално има 243 места и на овие избори ќе се обиде да се врати во Кабинетот, првпат после 2010 година.Шкотската народна партија има 35 места во парламентот, и таа е против напуштање на Унијата и сака Шкотска да излезе од Велика Британија и како независна држава да остане членка на Европската Унија.
Либералните демократи, кои сакаат брегзит целосно да се откаже, имаат 20 места во парламентот.На овие избори за првпат заедно излегуваат и три помали партии кои се за ЕУ – Либерално демократската, Зелените и Велшката партија Плаид Кимру кои се обврзаа дека нема да се кандидираат едни против други за да освојат што е можно повеќе гласови.