Новите светски податоци на Организацијата за жени на Обединетите нации велат дека пандемијата предизвикана од ковид-19 може да избрише 25 години работа за зајакнувањето на родовата еднаквост низ светот
Истражување на Организацијата за жени на Обединетите нации
Родовата еднаквост е една од многуте општествени вредности што во негативен контекст беа нарушени во време кога државите „живеат“ со пандемија. Ова меѓу другото е една од констатациите наведени во истражувањето на Организацијата за жени на Обединетите нации (ООН), кое наведува дека за една година живеење со коронавирусот може да се загуби целиот труд на институцијата насочен во подобрување на родовата еднаквост низ светот вложен во последните 25 години. Имено, во истражувањето стои дека жените извршуваат значително повеќе домашни обврски и семејна грижа поради влијанието на пандемијата, а товарот на грижата претставува „реален ризик“ за враќање кон стереотипите од 1950-тите години.
Анита Батија, извршната заменик-директорка на Организација за жени на Обединетите нации (ООН), вели дека дури и пред пандемијата се проценуваше дека жените извршуваат околу три четвртини од 16 милијарди часа неплатен труд што секој ден се извршува во светот, а сега ваквите бројки се значително зголемени.
– Според нашите истражувања, пред појавата на коронавирусот за секој еден час неплатен труд на мажите, жените работеле три часа, а сега таа бројка е многу повисока. Само во септември во САД околу 865.000 жени се откажале од пазарот на трудот во споредба со 200.000 мажи. За време на карантините низ светот, жените работеа од дома, но нивното секојдневие целосно се разликуваше од на мажите. Во домот, според нашите податоци, жените извршувале околу 80 отсто од неплатениот труд, при што тие секојдневно ги достигнувале нивните граници – вели Батија, извршната заменик-директорка на Организација за жени.
Иако 38-те истражувања што ги спроведе Организацијата на жени на ОН примарно се фокусираат на земјите со ниски и средни приходи, податоците од поразвиените земји покажуваат слична слика. Батија вели дека поалармантно е што многу жени всушност не се враќаат на работа. Од организацијата предупредуваат дека ваквиот домино-ефект од намалениот број на вработени жени ќе влијае и врз нивниот економски напредок и независност.
Достигнување на границите
Тени Вада, која е консултантка за брендови од Токио и работи вонредно како учителка во градинка пред воведувањето на карантинот, вели дека за неа времето е луксуз, бидејќи, покрај работата, е зафатена и со домашното школување, планирање на оброците и обврските околу домот.
– Морав сè да правам сама. Иако традиционалните родови норми ја наложуваат идејата дека мажите носат леб на масата, а жените и девојчињата се очекува да бидат домаќинки, тоа сега не е така. За време на пандемијата иако се поминува повеќе време со семејството, исто така и обврските се поголеми. Една од обврските што се зголемени во периодов за мене е и школувањето на мојата ќерка, кое буквално оди преку мене, додека сопругот е помалку активен во домот – вели Вада.
Жените можат сè
Докторката Иџеома Кола со нигериско-американско потекло живее во Најроби, Кенија. Таа делумно можела да се справи со обврските на новата улога на мајка и на работата, затоа што нејзиниот сопруг ѝ давал поддршка и можеле да си дозволат да ангажираат помош во домот, но, сепак, нејзиниот ден почнува многу рано наутро. Иџеома вели дека општеството економски не е подготвено да им излезе во пресрет на жените и наметнува родови норми што ја спречуваат просечната жена да постигне сè што сака. Таа вели дека „жените можат сè, но не во секое време и без големи жртви“. Иако нејзиниот сопруг е посветен партнер во домот, сепак главната одговорност за домот паѓа во нејзини раце. Психичкиот товар на одржувањето на рамнотежата во работните и домашните обврски исто така има свој удел врз физичкото и психичкото здравје на жените.
Недоволно платени и вреднувани
Во меѓувреме, според истражувањето на Организација за жени на ОН, се вели и дека неплатениот труд на жените често ги опфаќа трошоците и за грижа на семејството. Истовремено, во земјите низ светот економиите не го пополнуваат недостигот од општествени услуги и ретко официјално се признава како работа. Токму во таа насока анализата на ОН покажува дека пандемијата јасно го покажала фактот дека неплатениот труд навистина претставува општествена потпора во светот и им овозможува на другите да работат и заработуваат продуктивен приход, додека всушност ги ограничува можностите за напредок и работа на жените што го носат товарот на грижата во домовите. Во тој контекст, ООН бара од владите, но и од претпријатијата, да признаат дека постои неплатениот труд и да спроведат мерки како дополнително семејно отсуство или дополнително платено отсуство, за да не ги затвораат центрите за згрижување деца.