Европската комисија, за жал, сѐ уште не може да најде успешна формула како во пандемија да се намали бројот на новодијагностицирани Европејци од малигни заболувања. Имено, европските медиуми информираат дека годишно во Европа на болеста карцином ѝ подлегнуваат околу 1,3 милион луѓе
Додека бројот на жртвите во светот од коронавирусот секојдневно се зголемува, а секоја држава посебно се обидува да се справи со пандемијата, повеќе западни истражувања тврдат дека ракот, според смртните случаи од минатата година, е „убиец“ број еден на глобално ниво. Ова меѓу другото се наведува и во студијата спроведена од страна на Европската организација за карцином, во која се вклучени неколку медицински здруженија од ЕУ, во која исто така се посочува дека годишно од рак на Стариот Континент умираат 1,3 милион луѓе, а секоја година има по два милиони новодијагностицирани. Оваа информација, според бриселскиот портал „Еуроњуз“, е „алармантна“, доколку се земе предвид дека во 2013 година во Европа биле регистрирани нешто помалку од еден милион заболени луѓе од карцином. Во таа насока, периодов Европската комисија објави дека има големи планови за намалување на болестите од карцином на европско тло.
Амбициозна стратегија на Унијата за справување со карцином
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, изминатата недела во оваа насока истакна дека во 2020 година во Европа починале двапати повеќе луѓе од карцином отколку од ковид-19.
– Во 2020 година изгубивме 1,3 милион Европејци од оваа болест. За жал, бројот на случаи е во пораст. Затоа деновиве го презентираме европскиот план за борба против ракот. Борбата против оние што се противат на ракот е наша заедничка борба во Европа – рече Фон дер Лејен.
Според пишувањата, планот за борба против карциномот на ЕУ е структуриран околу четири клучни области – превенција, рано откривање, дијагностицирање и лекување и подобрување на квалитетот на животот на пациентите со рак и оние што го победиле. Посебен фокус ќе биде ставен на децата.
Во меѓувреме, интересно е да се спомене дека, според анализите на ЕК, пушењето е најголемиот ризичен фактор за заболување од рак, а може да се избегне со лична одлука. Во моментов во Шведска има само 5 проценти пушачи, додека во Грција 35 проценти. Освен тоа, треба повеќе девојчиња и жени да примат ХПВ-вакцина за заштита од рак на матката.
Бројот на малигните болести во пораст
На истава тема американското медицинско списание „Глобал хелт“ пишува дека бројот на смртните случаи од минатата година на глобално ниво е зголемен. Според магазинот, покрај зголемените бројки на заболени од карцином во Европа и САД, само во Кина во текот на изминатата година е дијагностициран рак кај 4,3 милиони луѓе. Анализата понатаму наведува дека карциномот на белите дробови, желудникот, хранопроводот, црниот дроб и на дебелото црево е најчест кај мажите, додека повеќето жени страдаат од рак на дојката, белите дробови и сл. Сепак, според авторот на студијата, примарно влијание за појава на рак кај населението во Кина има загадувањето на воздухот.
Во меѓувреме, слична е состојбата и во Европа. Манфред Вебер, претседателот на парламентарната група на демохристијаните, кој наедно ѝ припаѓа и на специјалната работна група во Европскиот парламент што работеше на планот на ЕК, истакна дека во последнава година во ЕУ имаме трипати поголем број на починати од рак отколку од коронавирус. Според него, карциномот дефинитивно наскоро може да биде главен убиец во Европа пред коронавирусот – изјави тој во Брисел.
Инаку, ЕК си постави големи цели со стратегијата што ја презентираше минатата среда за борба против малигните заболувања. Според ЕК, четири милијарди евра во следните години ќе се вложат во истражување, рано откривање и третман на карциноми. Комисијата сака особено да се вложи во намалување на нееднаквоста во пристапот и третманот на овие болести меѓу Истокот и Западот во ЕУ. Како што наведуваат германските медиуми, во источните и јужните земји-членки на еврозоната дијагнозата и третманот на болните од рак се полоши отколку на западот и северот на Унијата.